Press "Enter" to skip to content

Студенти од петта студиска година на Архитектонскиот факултет од Скопје во Општина Битола

Околу 80 студенти од петта студиска година на Архитектонскиот факултет од Скопје, под раководство на проф. д-р Дивна Пенчиќ, ја посетија општина Битола во рамките на нивниот предмет Урбанистичко обликување 2, а градот Битола е предмет на работа за оваа година. Предметот има за цел да им обезбеди на студентите пристап до знаењата неопходни за обликување на типични урбани простори, во кои со примена на различни морфотиполошки решенија, се добиваат различни видови на архитектонски амбиенти.
Пред присутните се обрати секретарот на општина Битола Борче Димитровски, кој посочи неколку сегменти од општинското работење, кои се во фокусот на интерес. Пред се, тука е изработката на Генералниот урбанистички план (ГУП) за општина Битола, како и други стратешки значајни документи за општината, кои служат како основа за работа на општината и како подлога за аплицирање на различни проекти. Секретарот исто така, ја нагласи потребата од вработување на млади архитекти и други инженери, кои ќе имаат јасна визија за натамошниот изглед на градот, кој изобилува со културна традиција, многу важни културни и историски објекти и заштитено градско јадро.Во дискусијата се вклучија и студентите со свои прашања, кои ги поставија до раководителите на одделенијата за урбанистичко планирање и заштита на животната средина и спроведување на урбанистички планови Валентина Андријашевиќ Кривашија и Љубица Мигуловска и до останатите вработени од општинската администрација од посочените одделенија и од Одделението за економски развој.Соработката со Архитектонскиот факултет, кој образува идни архитекти и урбанисти, може да им овозможи на студентите вклучување на високо професионално ниво на работа, а на општината своевидна поддршка и поткрепа во планирањето на идниот развој на градот Битола со свежи и визионерски идеи.

More from ВестиMore posts in Вести »