Во рамки на активностите за одбележување на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на 15 и 16 ноември 2024 г. ја одржува Годишната меѓународна научна конференција „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“.
Пред одржување на Конференцијата, проректорот за наука, проф. д-р Горан Илиќ ја потврдува посветеноста на раководството на УКЛО и на Универзитетот кон парадигмата дека – науката е најдобар одговор за постигнување на целите за одржлив развој и важноста на Конференцијата ја поврзува со потребата за актуелизација на научниот пристап кон 17-те глобални цели за одржлив развој, дефинирани во агендата 20- 30 на ОН.
Интернационалниот програмски комитет на Третата конференција посветена на целите за одржлив развој на УКЛО го сочинуваат четириесетина врвни научници од различни земји ширум светот, што дополнително го потврдува и зацврстува нејзиниот меѓународен карактер.
Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола поради својата активност во исполнувањето на Целите за одржлив развој на Обединетите Нации претходно беше рангиран во првите 400 универзитети во светот на реномираната Times Higher Education Impact Rankings, како прв и единствен македонски универзитет.
Научните трудови презентирани на Конференцијата, ќе се објават во посебен Зборник, додека определен број селектирани трудови ќе се публикуваат во меѓународното научно списание “Horizons – International Scientific Journal” (https://uklo.edu.mk/ojs/index.php/horizons/index) индексирано во повеќе релевантни академски бази на податоци.
Инаку, Првиот меѓународен научен форум на тема: Цели за одржлив развој и промена на светот на подобро, како прв од ваков вид на Универзитетот и во државата се одржа на УКЛО на 10.11.2022 г. и овозможи научна опсервација на горливи животни теми, што по три години продолжува со несмален интензитет. На претстојната Годишна меѓународна научна конференција за одржлив развој 2024 пријавени се 110 учесници ширум светот, што несомнено сведочи за меѓународната препознатливост на УКЛО. Настанот ќе се одвива хидбридно, во Офицерскиот дом – Битола.
Пред одржување на Конференцијата, УКЛО известува дека сите информации во врска со меѓународниот научен форум поставени се на линкот: https://uklo.edu.mk/ojs/index.php/aisc/index






