Научниот институт за тутун – Прилеп, единица на УКЛО Битола го одбележа дијамантскиот роденден – 100 години фундаментална наука, еден век институционален развој силно вграден во македонската економија, едукација и општество.
Во рамки на јубилејната свеченост, во пресрет на Патронoт св. Климент, оддено е должно внимание кон неговите универзални, трајни вредности како дел од светското цивилизациско наследство.
Директорката на Институтот, проф. д-р Валентина Пеливаноска во пригодниот збор за јубилејот посочи дека:
-Долгата традиција носи и голема одговорност и тоа силно се потрдува во Институт, бидејќи тутунот како култура, има посебно место во структурата на македонското земјоделско производство и извозот, со исклучително значење од економски и социјален аспект. Институтот има и богата научна и производствена инфраструктура, овде се следат најновите научни сознанија кои се од витално значење за стопанството и економијата на нашето општество. Како единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, покрај научна, стручна и апликативна работа, Институтот генерира и знаење, едукација на втор и трет циклус студии, специфични студиски програми што овозможуваат обука на персонал способен за вклучување во процеси во тутунската индустрија и други земјоделски активности и продонесува за заштитата на животната средина.
Овие синергетски премиси ја обликуваат денешната идентитетска физиономија на Институтот и ги навестуваат идните чекори за адаптација со европските земјоделски политики, ажурирање стручни патокази за одржлив развој – со современ пристап кон климатските активности и екологијата“.
Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски во поздравната реч истакна дека:
-Научниот институт за тутун е повеќе од УКЛО. Со својата научна, стручна и применувачка дејност тој е столбот на развојот и производството на онаа земјоделска култура која се нарекува македонско злато. Со тоа што државата му доделила надлежности на овој наш институт да врши контрола на квалитетот на тутунот и се грижи за автентичноста на потеклото на тутунот, ги заштитува традиционалните вредности на македонскиот тутун, признат по својот квалитет и баран во светот. А колегите од овој институт се пример како вредно, стручно и посветено ги исполнуваат задолженијата што им ги дала државата. Знаејќи ги капацитетите на вработените на овој Институт, расположливоста на лабораториска опрема и инфраструктурните капацитети, сигурен сум дека овој Институт ќе се справи со сите идни предизвици.
За достигнувањата на научниот Институтот и неговото значително влијаат на македонската економија се осврна и македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова:
-Пријатна должност е да се зборува за најстарата единица во составот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Научниот институт за тутун – Прилеп, 100 години по неговото формирање. Одбележуваме еден век наука и образование, илјадници страници долга и сѐ уште недопишана приказна за тутунот, низа успеси дома, но и надвор! Оваа за мене уникатна научно- образовна институција продолжува да биде импулс на знаењето и поттик на потрагата по нови решенија за унапредување на економијата и земјоделството и одгледувањето на тутунот, како и справување со климатските закани по прозводството, но и со здравствените ризици. Научниот институт за тутун – Прилеп не е само одговорен чувар на стекнатото знаење, туку и посветен актер во неговото продлабочување. Длабоко вкоренет во срцето на тутунопроизводната индустрија, овој институт се издвојува како познат и ценет познавач и квалификуван и почитуван фактор при решавањето на суштинските проблеми во производството и обработката на тутунот. Со врвна технологија и акредитирани лаборатории, Научниот институт за тутун неуморно стимулира и поддржува иновации и истражувања, како во своите простории, така и надвор од нив.
Свеченоста по повод реткиот јубилеј беше заокружена со доделување плакети и благодарници на институции, тутунски компании и соработници на Институтот, меѓу кои, на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески.
Како и ректорот на УКЛО Игор Неделковски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како симболичен знак за успешната и континуирана соработка, за подобра научна македонска иднина, за развој на УКЛО, општината, регионот и државата.
Настанот беше збогатен со уметничк0 – музички изведби на женскиот камерен хор “Керамија“, под диригентство на Катерина Попоска, дуото Валчело и актерите, Даниела Иваноска и Милан Секулоски.
[ngg src=”galleries” ids=”2232″ display=”basic_thumbnail” thumbnail_crop=”0″]






