Press "Enter" to skip to content

Утре во Битола започнува празничната магија со препознатливо име “Зимската приказна“ ќе трае 18 дена

-“Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“ е  слоганот на годинашаните празнични случувања, зошто токму во овие празнични денови, е слоганот, а Битола ќе биде вистинска бајка во која ќе се одиграат повеќе театарски претстави, ќе се случуваат детски музички настани, со добри изведувачи, кои ќе ја исполнат и разубават атмосферата во градот.

Со официјална прес-конференција, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и директорот на Културно – информативниот центар, Благојче Божиновски го најавија почетокот на Зимската Приказна 2024, која ќе трае од 20 декември до 6 јануари. Со нови атракции, празнична атмосфера и привлечна туристичка понуда, Битола оваа година е подготвена да го привлече вниманието на туристите од цела Македонија и регионот.

Зимска Приказна – Поддршка за локалната економија

Годинава, акцентот на Зимска Приказна е ставен на поддршката за локалните трговци, угостители и хотелиери. Очекувањата се дека зголемената посетеност на туристи и граѓани ќе има директно позитивно влијание врз локалната економија.

-Зимската Приказна е повеќе од празнична програма – таа е можност за Битола да го покаже својот туристички потенцијал. Нашата цел е сите трговци, угостители и хотелиери во градот да почувствуваат економска придобивка. Празничната сезона е шанса за развој на локалниот бизнис, зголемување на прометот и привлекување на нови туристи,“ изјави градоначалникот Тони Коњановски.

Преку зголемување на посетеноста во ресторани, кафулиња, продавници и сместувачки капацитети, се очекува Битола да ја зацврсти својата позиција како туристичка дестинација во зимскиот период.

-Имаме прекрасна 18 дневна програма исполнета со различни настани, кои сигурен сум дека ќе привлечат интерес кај сите генерации, зошто токму такви се и програмските содржини. Годинава имаме слоган, кој гласи „Празниците живеат во Битола на Зимска приказна“, зошто токму во овие празнични денови, Битола ќе биде вистинска бајка во која ќе се одиграат повеќе театарски претстави, ќе се случуваат детски музички настани, а секако имаме и добри изведувачи, кои ќе ја исполнат и разубават атмосферата во градот. Како што споменав, започнуваме утре во 17:30 од пред Офицерскиот дом со Дефиле на Дувачкиот оркестар на Државното музичко училиште од Битола низ Широк Сокак до плоштадот Магнолија, каде официјално ќе биде отворено лизгалиштето со настап на Танцовиот спортски клуб „Експоуз“ од Битола и многу музички и сценски изненадувања. Годинава ги прошируваме и локациите на кои ќе се одвиваат содржините, кои се над 10, сепак задржувајќи ги како главни локации: Платото на Офицерски дом, Широк Сокак, Старата чаршија, Плоштадот Магнолија. Во програмските содржини имаме соработка со Културно информативниот центар, а ги вклучуваме и дел од основните и средните училишта кои покажаа интерес, детските градинки, приватни едукативни школи, танцови школи, ди џеи, ја доближуваме германската и француската култура, а посебно ставаме акцент на домашната култура и традиција.

-Меѓу настаните сакам да ги истакнам настапите на групите „Фолтин“, „Љубојна“, „Ареа“, Некст тајм, „Пауза за ракија“, потоа изведувачите Бојана Скендеровски, Ѓоко Танески и многу други. Дочекот на Нова година ќе биде со настанот „Ноќ на нови почетоци“ – Вечер со Андријана Јаневска, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Димитар Андоновски, Дувачки оркестар „Блезери“ и група Фонтана, изјави градоначалникот Коњановски.Лизгалиште на шлоштадот “Магнолија“ – главна атракција и простор за забава

Една од најголемите атракции оваа година е лизгалиштето на плоштадот “Магнолија“, кое ќе биде отворено за сите генерации – деца, млади и возрасни. Просторот ќе функционира секој ден, а посетителите ќе можат да уживаат во зимската забава на мразот.

Мечо – Симбол на празничната приказна

Симболот на детската радост во Битола – добро познатиот „Мечо“ – и оваа година добива централно место во празничната програма. Неговото присуство кај Офицерски дом ќе биде место каде што најмладите ќе можат да направат фотографија и да го доживеат духот на празниците. „Лизгалиштето“ и Возот „Мечо“ се содржини кои се реализираат во соработка со ЈП „Паркинзи“, додека Културно информативниот центар е соработник на општината во организацијата на програмскиот дел.

-Оваа година земаме поголема активност во реализацијата и во имплементирањето на програмските активности. Со оглед на тоа што ние во изминатата година реализиравме преку 400 настани препознаени од страна на публиката, гостите и луѓето кои директно беа вклучени во тие настани, преку заеднички разговори успеавме да вклучиме спонзори кои активно сакаат да не подржат и во наредната година. КИЦ влегува во договорот и во цела оваа програма и за наредната година со Општината. Целата наша логистика во смисла на светло, аудио што ја имаме на располагање со цел да се реализират сите настани, ние ќе учествуваме и со визуелно  презентирање на туристичката мапа на градот и на самата Зимска приказна, каде преку дигитална форма ќе можат да се следат настаните“ изјави директорот на КИЦ – Битола, Благојче Божиновски.

Повик до граѓаните и туристите

Битола е подготвена за празничната магија! Со нови атракции, уникатна атмосфера и поддршка за локалната економија, Зимска Приказна 2024 ќе биде можност граѓаните да уживаат во своето слободно време, додека туристите ќе имаат шанса да го доживеат празничниот дух на градот.

-Ги повикуваме сите граѓани на Битола и туристите од Македонија и регионот да бидат дел од ова празнично доживување. Оваа година создадовме уште поголема магија, со повеќе содржини и повеќе можности за сите. Сите заедно ќе создадеме незаборавни спомени, изјави градоначалникот Тони Коњановски.

More from ВестиMore posts in Вести »