За денешниот голем верски празник Св. Атанасиј неколку стотини верници од Битола и потпелистерските села, го посетија истоимениот манастирот кој се наоѓа на неколку километри од Битола, над населбата Стрчин, во горниот дел на Касарната, на местото на иселеното село Смолево.Овој празник Св. Атанасиј денот уште и го означува како последен празник од зимските слави, а по повод празникот на Светецот, кој е заштитник на православието, синоќа вечерна и денес богослужба одржа Отец Никола.
-Свечена литургија се одржа вчера попладне и денес. Вчера имаше голем број на верници, но денес се во поголем број, што може само да не радува. Помогна и убавото време кое го имаме денес, но овој манастир е секојдневно посетен, ни рече отец Никола, кој за манастирот и неговата околина додаде:
-Ние браќа и сестри, кои редовно или повремено доаѓаме тука, покрај што ги посетуваме Богослужбите треба и да се грижиме за манастирот и околината. Идејќи овде на ова прекрасно место, на овој прекрасен светилник на верата, ние треба да го почитуваме. Секоја година гледаме се повеќе ѓубре околу нас. Секоја година гледаме дека има животни на ова свето место, а тоа не доликува. Во ред е, сите ги сакаме животните, и јас имам домашни миленичина, меѓутоа тие ниту се луѓе, ниту наши деца, и треба да ги разликуваме. Еден прекрасен пример, Свети Атанасиј, за време на гоненија на Хрстијанството животот би го ризикувал за својата вера, а ние не можеме ниту еден процент од својот конфорт да ризикуваме за нашата вера, за црквата, за нашиот град… Затоа што, како кажав, ние доѓајќи овде ние носиме ѓубре, но тоа ѓубре можеме да го вратиме на место каде има место за одлагање на тоа ѓубре. Но, ние да не си го реметиме нашиот ред, да не го наполниме нашиот џеб со ѓубре, ние тука го фрламе, секаде околу нас, не само во манастирот. Уште пред илјадници години овие светители ни давале пример како да се однесуваме, да се бориме за нашите градови, села, светилиша, за нашата вера и семејство, за домот, и од тука од семејството, мора да тргне чувањето на сето ова што претходно го реков.
По Утринската Богослужба, отец Никола ги причести верниците им подели нафора, домаќинките си “кренаа“ лепче за здравје, а останатите верници запалија свеќа, донесоа дарови и се помолија за здравје.
Убавиот сончев ден, иако со студено утро, како да е создаден за пешачење од Битола до манастирот така да, најголемиот дел од денешните посетители се упатија таму по убавото време. Денеска на ден Свети Атанасиј Велики голем број верници, православни христијани од Битола, како и блиските села Лавци, Брусница Буково и други околни населби. Меѓу нив беше градоначалникот на Битола – Тони Коњановски и неговиот заменик Бојан Бојковски.
-Сакам на сите кои го славата Свети Атанасиј прво да им ја честитам славата. Што се однесува пак до денешниот ден на манастирот, јас сум тука како еден вид домаќин зошто живеам во близина, ова место ми е мој комшилук, а колку што ми дозволуваат обврските го посетувам ова прекрасно место. Има и други причини бидејќи моите деца како млади домаќини си го одбраа Свети Атанасиј како куќна слава, а вчера беше и мојот именден и на внукот, а секако како градоначалник на Битола сакам да бидам со моите сограѓани кои се денес тука. Во оваа прилика, сакам да ја продолжам беседата на отец Никола, да го чуваме ова свето место, манастирот и дворот и неговата околина, како свето и рекреативни место на само неколку километри од Битола, бидејќи само така ќе покажеме дека го сакаме нашиот град.
Околу манастирот имаше многу луѓе кои го славеа празникот, а неибежна денес беше и музиката, а верниците “завртеа“ и оро во дворот на манастирот.
Една група верници, кои беа седнати на клупите во дворот на манастирот, беа расположени за разговор, а Светозар Атанасовски, адвокат во пензија ни кажа:
-Скоро екој ден доаѓаме до манастирот со пешачење. Какви и да се временските прилики ние се дружиме тука. Дојдовме денес да запалиме свеќи за наше и здравје на сите битолчани. Тоа ни е веќе во навика било да е зима или лето. Не радува дека има голем број на верници и не сме само неколкумина колку што сме зимава секој ден.
Игор Дранго, професор кој што живее во населбата “Стрчин“ и кој редовно доаѓа во Смолево ни рече:
-Доаѓам често, бидејќи живеам во близина, а и го сакам ова место, каде се чуствувам прекрасно и духот ми е исполнет. Едноставно уживам кога во секој мој слободен период од годината кога сум во Смолево. Од година во година ова место станува се поатрактивно и го посетуваат се поголем број на битолчани, посебно млади. Со мото-патеката и вело-патеката ова место станува доста атрактивно, а секако тука е и прекрасниот манастир посветен на Свети Атанасиј, чии ден, го славиме денес. Јас се чувствувам како дел од овој манастир и ако не дојдам на неколку дена, како да не ми е исполнета душата и срцето. Мораме да го зачуваме местото и христијанскиот дух, а тоа да им го пренесеме на младите, бидејќи единствено нешто што може да не зачува како семејство, како град, како држава и народ е враќањето кон Бога, и востипувањето на децата со христијанските вредности и со тоа да растат и живеат.
Денес на половина од зимата, како што ни кажува овој голем празник, доаѓаат и многу други луѓе за да го прослават празникот.
Дел од посетителите го искористија убавото време да се искачат и нагоре кон Баба планина, и да прошетаат како ни рекоа “по каналот“, а голем број уживаа седнати во помали друштва и уживаа во последниот јануарски ден, на средината на зимата, ден кога и завршуваат зимските празници, а сите се подготвуваат за пролетта која е на прагот.
Сите како да се веселат дека на зимата и доаѓа крајот и во денешното сонце препознаваат дека пролетта е близу. Можеби заради тоа и оптимизмот како да се чувствува насекаде околу нас, е само во дворорот на манастирот.
Инаку, манастирската црква посветена на свети Атанасиј Велики е единствената градба која е останата од некогашното село Смолево лоцирано над Битола, кое во виорот на Првата светска војна, во борбите на Македонскиот фронт во 1914 година било разурнатио и иселено од француската војска која се стационирана на овој стратешки пункт над Битола.
Но сега, како и нагласи орец Никола ова место е отворено за нас, да бидеме тука, да го славиме Светецот, и да ја пречекаме пролетта.
Текст и фото: Сашо Ристевски