Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари работна посета на дел од институциите од областа на културата во Битола. На средбите со директорите на Центарот за култура, на Народниот театар и на Заводот и музеј – Битола се разговараше за текот на реализацијата на проектите и тековните предизвици со кои се соочуваат овие установи.
Љутков информираше дека во Заводот и музеј – Битола е реализиран проектот за реставрација на предната фасада во вредност од 1,2 милиони денари, а во текот на годината ќе се реализира и партерно уредување на лапидариумот со дополнителни 1,4 милиони денари. Реновирана е и сувенирницата со сопствени средства на институцијата, што придонесува за туристичката понуда на градот.
Посебен акцент е ставен на капиталниот проект за реновирање на постојаната музејска поставка, за кој се издвоени 2 милиони денари. Во рамките на новиот концепт ќе биде вклучена и спомен-собата на познатиот битолски музичар Кирил Македонски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.
Министерот истакна дека археолошките истражувања, кои во изминатите години беа сведени на минимум, сега добиваат поддршка и нова динамика со што доживуваат вистинска ренесанса.
-Издвоивме еден милион денари за археолошките истражувања на локалитетот Градиште во с. Црнобуки, обезбедивме 12 милиони денари за тригодишниот проект за конзерваторски и реставраторски работи на ентериерот на Јени џамија, што подразбира ѕидно сликарство, дрвени, метални, мермерни, гипсени и фајансни декоративни елементи, како и мобилијар. Претходно, пак, со 2 милиони и со 2,5 милиони денари се реализираа и проектите за конзервација и реставрација на фасадите на спомен-куќите на македонските револуционери Гоце Делчев и Стив Наумов, информираше Љутков.
-Во Завод и музеј го реализираме проектот за реставрација на предната фасада за што се издвоени 1.200.000 денари, а годинава ќе се реализира и партерното уредување на лапидариумот, вреден 1.400.000 денари. После долги години реновирана е сувенирницата која што всушност е направена од сопствени приходи на Завод и музеј, а тоа е многу добро за туристичката понуда која што треба да ја има Битола, а нас како Министерство за култура и туризам ни оди во прилог да се преземаат вакви чекори, изјави Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој потенцира дека во Битола се забележува значителен напредок и во делот на туризмот.
На работната посета, министерот го придружуваше и градоначалникот Тони Коњановски, кој истакна дека Битола е центар на културата за што потврдуваат и седумте национални установи во градот.
-Се гордеам што сум на чело на град кој многу вложува во културата и е културна мека во Македонија. Во овие 3-4 години, навистина се доживува еден процут, еден развој во таа област, не само со националните установи, туку и со нашиот културно – информативен центар, каде што има денови, во кои не знаете на кој настан можете да стигнете побрзо. Со право и министерството премина во Министерство за култура и туризам, со оглед на тоа што туристичката понуда која е многу значајна и која сите овие установи ја нудат многу значи за градот и во тој дел сеуште не сме го достигнале тој максимум, но на наше задоволство бројот на туристи секој ден се зголемува, наше е да им понудиме добра програма и секако во однос на престој во нашиот град да ги задржиме посетителите колку можеме повеќе. Тука треба да се ангажира и хотелиерството, приватните стопанственици кои треба да ја дадат таа понуда во делот на ноќевањата и кулинарството итн. Сакам да се заблагодарам за поддршката од Министерството, но и за соработката со националните и културните установи со кои како локална самоуправа имаме исклучително добра соработка. Нашите настани се и нивни, а нивните настани се и наши. Во текот на утрешниот ден ќе го обзнаниме и почетокот на културното лето со еден многу интересен настан, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
Министерот го најави и капиталниот проект за реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“, вреден 94 милиони денари. Договорот е веќе потпишан, а реализација треба да започне до крајот на месецов.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во работна посета на институциите од културата во Битола
More from ВестиMore posts in Вести »
- Пелистер со реми се враќа од Гостивар, постигна три гола против Арсими
- Томас Спасе Трпчевски, 17 годишен фудбалер во Мелбурн, Австралија: од Мелбурн преку Битола и Белград до европски клуб (фотогалерија)
- Во Битола променливо облачно со сончеви периоди, температурата до 11 степени
- Денес е Свети Климент, патрон на македонската православна црква
- Фото вест: пред десет дена поставен, викендов скршен кошот кај “Областа“, нема крај на вандализмот во Битола
More from КултураMore posts in Култура »
- Достоинствен омаж за Патронот “Слово Љубве“ на УКЛО Битола и Горната гимназија, упатени силни пораки за образованието, јазикот и младите (мега фотогалерија)
- Македонскиот виртуоз на виолина Владимир Костов и камерниот оркестар „Профундис“ ја носат „Candlelight“ магијата во срцето на Битола!
- Самостојна изложба на Бојана Артиновска во “KAMAI MEDIA“ – Битола
- Со концерт на Гамазда, кралицата на пијано кавери, затворен Фестивалот “Музика од светот“
- Премиера на филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи во Битола на 6 декември










