Press "Enter" to skip to content

Битола Отворен Град 2025 започна: 24 издание што не се фали со бројки – туку со значење

Со утрински прес и отворање на изложбата „When Do I Stop?“ од визуелниот уметник Харис Муриќ, денес започна 24. издание на Битола Отворен Град – фестивалот што веќе четврт век не е само културен настан, туку платформа за гласови, генерации и изрази што одбиваат да бидат маргинализирани.На пресот зборуваа директорот на МКЦ-Битола Сашо Додовски, извршниот директор Златко Талевски, како и самиот автор Харис Муриќ, кој пред битолската публика се претставува со избор на 25 постери – резултат на едногодишен креативен предизвик, во кој секоја недела од 2024 година создал по едно дело.-Фестивалот не постои за да создаде тренд – туку за да не исчезне културниот континуитет, истакна Додовски.„Битола Отворен Град е дел од идентитетот на МКЦ и на самата Битола – упорна точка на културна автономија што не се прилагодува на шаблони, туку ги создава.Талевски додаде:

-Секоја година се менува сè – освен потребата младите да имаат сцена, простор, збор. Овој фестивал постои токму за нив. За оние што први пуштаат звук, што први излегуваат на сцена, што го прават првиот чекор.-Прекумерната изложеност на комерцијален дизајн ми го роди копнежот за нешто поинтроспективно. Овој проект беше мојата можност да бидам и автор – и свој клиент. Да создадам визуелна поезија што дише различно секоја недела, истакна Муриќ.Роден во Гостивар, а веќе една деценија дел од скопската креативна сцена, Муриќ својата прва самостојна изложба ја отвори претходно во галеријата на КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. Делата што сега ги изложува во Битола се меѓу најинтимните досега – постери што инспирацијата ја црпат од музика, фотографии, книги, внатрешни борби и тишината на првото утринско кафе. Некои говорат гласно, некои тивко, но сите оставаат простор за размислување.

-AI може да биде алатка, рече Муриќ на новинарско прашање, „но не и идеја. Не и визија. А уште помалку личен печат.Изложбата „When Do I Stop?“ е поставена во МКЦ Битола и ќе биде достапна до крајот на фестивалот. Фестивалската програма продолжува со содржини што не се по вкус на алгоритми – туку на луѓе со изграден однос за култура:Четврток, 26 јуни

11:00 – DJ работилница со Herzel (Porta Jazz)

22:00 – Концерт на Gnezdo FM Jam Orchestra, кај пешачкиот премин кај х. Епинал, Широк Сокак.Петок, 27 јуни

11:00 – Работилница за поезија со Марија Бошковска (МКЦ Битола)

21:00 – DJ сетови со DJ Goce, DJ Chvare, Double G (Пацио на НУ Музеј Битола)Сабота, 28 јуни

11:00–17:00 – Берза на винили со DJ Chiko (Кафе бар Јагода)

21:00 – Концерт на млади бендови: PrekuRed, Tsar Von Time, Mamut (Скејт парк, Шеталиште Битола).Битола Отворен Град 2025 не е викенд-фестивал, туку град што останува отворен за културата, уметноста и зборот што менува. Фестивалот е поддржан од Општина Битола и бизнис секторот на градот Битола. Влезот на сите настани и за сите локации е бесплатен.

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »