Press "Enter" to skip to content

Игор Трајковски – Фоја добитник на признание од Општина Битола за 4. Ноември: Битола е повеќе од град, таа е чувство, сè почнува и завршува тука

Жанета Ристевска

Игор Трајковси Фоја – автор, визуелен уметник, писател, поет, драмски автор и културен активист, кој во изминатата година реализираше низа значајни акативности и дела со кои даде извонреден придонес на полето на кутурата, е добитник на наградата за годишни остварувања во културата, по повод Денот на ослободувањето на Битола, а тоа беше повод за разговор со него…

Игор, најпрво честитки за признанието! Што за Вас лично значи оваа награда?

Благодарам најискрено. Ова признание не е само награда, туку потсетник. Потсетник дека Битола сè уште знае да препознае искреност и труд. Секое камче, секоја уличка во Битола, секој познаник и пријател – сите тие се дел од оваа приказна. Затоа ова признание го чувствувам како нешто што му припаѓа и на градот, и на сите луѓе што ми го отворија патот кон уметноста.

Што значи ова признание за Вас, и колку сметате дека романот „Ноќта“е заслужен за него?

-Убаво што баш тоа ме прашавте. „Ноќта“ првично беше сценарио – што беше наградено од агенцијата за филм дури и со парична награда за развој, за подоцна да не добие поддршка за реализација како филм, од причини што никогаш не ми беа доволно јасни, ниту логични. Апсурно зарем не?   Но токму тоа ме мотивираше. Наместо да се обесхрабрам, решив да му дадам нов живот – и од сценариото создадов роман. Обратен проце сод вообичаениот.
Денес, кога „Ноќта“ е дел од моето творештво и кога токму таа ми го донесе ова признание, можам само да кажам по битолски: никогаш не ја виткајте кичмата, никогаш не дозволувајте неправдата да ве демотивира. Напротив – продолжете да создавате. Делото секогаш ќе си ја пронајде својата публика. „Ноќта“ сигурно е едно од најуникатните мои дела – токму затоа што се издигна од тишината и од потребата нешто да се каже, и покрај сите препреки. Можам да кажам дека животот на романот продолжи со неверојатен одзив од публиката – луѓе ми пишуваат, праќаат рецензии, споделуваат емоции, и многумина од нив велат дека сакаат да го видат филмот по оваа книга. И искрено верувам дека тоа ќе се случи. Заедно со продуцентот Роберт и режисерот Иво Трајков, работиме на развој на сценариото – и верувам дека „Ноќта“ ќе го дочека своето светло на денот и на големото платно.

Често споменувате дека Битола е Ваша вечна инспирација. Во што лежи таа магија на градот?

-Битола е повеќе од град. Таа е чувство. Од првите лекции пред куќа и на Широк Сокак, до сите академски часови во Охрид и Скопје – сè почнува и завршува тука. Во Битола научив дека уметноста не е само во сликата, зборот или мелодијата – туку во луѓето, во нивните секојдневни гестови, во разговорите што остануваат во воздухот. Овде, уметноста не се учи од книги, туку од животот.

Го споменавте вашиот дедо, Димитар Димитровски Такец. Колку влијаел тој врз Вашето творештво?

-Многу. Тој беше мојот прв учител, иако никогаш не би се нарекол така. Од него ја наследив љубовта кон зборот, но и смиреноста пред празен лист. Такец ми покажа дека тишината е дел од уметноста, дека треба да ја слушнеш пред да почнеш да пишуваш. Кај него секој збор беше важен. Без неговото присуство и неговата сенка, мојот пат би бил сосема поинаков.

Во Вашето обраќање споменавте и Леонардо да Винчи. Зошто токму тој?

-Да Винчи ми го разбистри погледот – не само кон уметноста, туку и кон животот. Како човек што творел во најголемите центри на уметност и трговија – Милано, Рим, Болоња – неговото име само по себе ми е поука: Леонардо да Винчи, односно „Леонардо од местото Винчи“. Тоа „од“ е суштината. Тоа е нашето потекло, нашата енергија. Никој од нас не одбира каде ќе се роди, но од нас зависи што ќе направиме со тој корен. Јас сум горд што моето „од“ е – од Битола.

Како ја гледате улогата на уметноста денес, во време на брзи промени и неизвесност?

-Уметноста денес има можеби потешка, но поважна мисија. Таа не треба само да прикажува, туку да потсетува – на човечност, на емпатија, на вредности. Во време кога сè се менува со брзина на клик, уметноста останува последното место каде можеш да застанеш и да почувствуваш нешто вистинско. А кога тоа чувство ќе го споделиш со другите, тогаш уметноста станува заедништво, а не индивидуален чин.

4 ноември е симболичен датум за Битола. Што лично Ве потсетува тој ден?

-4 ноември е ден што нè потсетува на борбата и жртвата на генерациите пред нас. Тоа не е само историски датум – тоа е вредност. Нашата генерација има своја борба: да создава општество достојно за нивните идеали, но и за иднината што доаѓа. Никој од нас не одбира кој е, но секојдневно одбираме во што ќе се претвориме. И тоа е борбата што вреди да се води.

Која порака би ја упатиле до младите битолчани што денес чекорат по патеките по кои и Вие сте оделе?

-Да веруваат во себе и во она што го создаваат. Да не чекаат некој да им даде дозвола да бидат уметници. Да не се плашат од неправда, неразбирање или одбивање – тие често се најдобрите учители. И најважно – да не заборават дека уметноста почнува токму тука, во Битола. Во секое камче, во секој разговор, во секоја тивка ноќ кога си сам со своите мисли и зборови.

Ви благодариме за разговорот и честитки уште еднаш!

Ви благодарам Вам, кои постојано ме следите и објавувате. И благодарам на Битола – мојот град, мојот темел и мојата инспирација. 

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »