На 21 декември, Голд Фелициа повторно беше сцена на хуманост и детска енергија. Во духот на претпразничното расположение, компанијата го организираше својот традиционален новогодишен хуманитарен базар, кој оваа година се одржа по четврти пат. Дел од настанот беше и детскиот караоке-фестивал, кој ја надополни празничната атмосфера со музика и радост.
Во комплексот на Голд Фелициа, покрај производите од компаниите-поддржувачи, се продаваа печени костени и греено вино, создавајќи вистински празничен амбиент. Посетителите покажаа голем интерес за „Среќното тркало“, каде што со донација од 100 денари можеше да се освои вреден подарок или ваучер од компаниите кои го поддржаа настанот.
Сцената на Голд Фелициа беше претворена во вистински музичко-детски свет, каде што пријавените деца ги испеаја своите песни, дополнително ја збогатија магијата на настанот и внесоа радост и насмевки. Веселите детски гласови и позитивната енергија на посетителите ја потврдија успешноста на овој забавно-хуманитарен настан.
Средствата собрани на базарот ќе бидат донирани на здружението Порака од Битола за изработка на збирка со наслов ” Мостови на другарство”.
Голд Фелициа како дел од КС Групација останува посветена на оваа традиција и со својот личен пример ги охрабрува и другите компании да организираат слични забавно-хуманитарни активности во пресрет на големите христијански празници.






