Press "Enter" to skip to content

Одржана прва Панел дискусија за положбата на вработените во македонското високо образование (фото)

Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, организираше Панел дискусија на тема „Положбата на вработените во високото образование во Република Северна Македонија“, на која присуствуваа и претставници од синдикатите од други државни универзитети во земјава.На настанот, со кој се одбележа тригодишнината од официјалното формирање на Синдикатот на УКЛО и една година од формирањето на Унијата на синдикати на високото образование, се оствари конструктивна дебата по повеќе суштински прашања: условите за работа, правата и обврските од работниот однос, колективното договарање, институционалните и законските рамки и улогата на државата во унапредувањето на положбата на вработените во високото образование.-Нашата работа е крунисана со потпишување на Колективен договор за УКЛО но и за останатите пет државни универзитети: платите на вработените се гарантирани и поврзани со минималната плата, обезбедени се дополнителни бенефити, како и можности понатаму да се продлабочи и доработи овој дел на високото образование преку еднакви права, обврски и можности на сите вработени во сите државни универзитети. Остануваат предизвиците на кои треба да се работи, посочува проф. д-р Саша Дукоски, претседател на Синдикатот на вработените на УКЛО.-По остварувањето на синдикалните барањата, сега вработените во високото образование треба да работат на подобрување на квалитетот во високото образование, со пишување нови научни трудови, книги, подобрување на квалитетот на студиските програми и предавањата во интерес на студентите и подигање на рејтинзите на нашите универзитети на европско ниво. На тој начин ќе се работи и на намалувањето на одливот на млади луѓе од државата, смета проф. д-р Ангел Ристов, претседател на Унијата на синдикати на јавните универзитети.-Подобрувањето на положбата на стандардот на вработените во високото образување ни дава надеж и очекување дека ќе се подобраат состојбите во државата, особено сега кога вработените во високото образование имаат достоинствени плати, ќе се поттикнат да работат попосветено, се со цел да ги задржиме нашите млади студенти дома, затоа што тие се иднината на нашата држава. Синдикатот се избори за подигање на стандардот на вработените во високото образование, но останува проблемот со недостатокот на научен подмладок – асистенти и доценти, за што секако државата треба да изнајде начин да го реши и овој проблем, посочи ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски.Задржувањето на младите да останат да студираат дома, според него, може да се постигне со подобрување на квалитетот на образованието, но и со квалитетот на живеење во општеството.

-Мора да се работи и на двете страни. Едно, ние да се вложуваме, да даваме поквалитетно образование, а локалните и централните власти да работат повеќе на обезбедување на, пред се, здрава животна средина, дигитализација, борба со аномалиите во општеството. Друг механизам нема.Панел дискусијата потврди дека положбата на вработените во високото образование е сложено, но исклучително важно прашање, кое бара координиран пристап, отворен дијалог и заемна одговорност на сите релевантни чинители – вработени, синдикални организации, работодавач.

Високото образование е темел на општествениот развој, научниот напредок и создавањето на идните генерации професионалци, па затоа социјалниот дијалог не смее никогаш повеќе да биде нарушен.Првата Панел дискусија за положбата на вработените во македонското високото образование се одржа на 27 јануари 2026 година.

Елизабета Ангелеска Атанасоска