Press "Enter" to skip to content

Деновиве пред 10 години: во Битола одбележани 73. годишнината од страшниот ден на Холокаустот (фото)

-На одбележувањето на 73. годишнината од страшниот ден на Холокаустот во Битола беше речено дека скулпторска инсталација од пет дела му ја подарува на градот Битола и Меморијалниот парк на Евреите од Битола. Макета на оваа скулптура, уметничко дело беа изложени во влезниот портал на Еврејските гробишта во Битола, започна со своите сеќавања Димче Миновски, хроничар на Битола и доајен на битолското новинарство. -За поставување на самото дело ќе мораме да почекаме веројатно до следната комеморација на Денот на депортацијата во март 2017 година, бидејќи претходно гробиштата треба да се расчистат и уредат, а затрупаните надгробни плочи, беше речено тогаш, но за жал и по десет години скулптурата не е поставена, вели Миновски.На “Еврејски гробишта и Меморијален парк на Евреите од Монастир/Битола“ во 2016 година започнаа пролетните активности за уредување кои ќе траат до крајот на градежната сезона. Дваесет и пет волонтери на Црвениот крст од Битола и исто толку кадети кои ги испраќа Министерството за одбрана на Република Македонија, ја започнаа работната акција на чистење на гробиштата.Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, Берта Николиќ-Романо, претседател на Еврејската заедница на Република Македонија, заедно со амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан и претставниците на Здружението “АРХАМ“ од Битола и Фондот на Холокаустот, им беа домаќини на професорот Јицчак Керем и Сара Гутман, експерт за хортикултура, кои од Израел пристигнаа во Битола за да го дадат нивниот придонес во реализацијата на овој проект со кој Битола го одбележува своето место на светската карта на градови со еврејско културно наследство.-За Битола, податоците зборуваат дека се работи за околу три илјади и 200 наши сограѓани кои што биле депортирани. Од тој ден се чувствува една голема празнина во градот. Се работи за жртви на една погубна политика, на еден период, кој што 20 век го одбележа со многу трагедии. Битола има големо културно-историско наследство, лузни кои зборуваат за историјата на Битола, а една таква лузна се и еврејските гробишта во Битола, вели Миновски, кој бил и претседател на здружението за македонско – еврејско пријателство.

More from ВестиMore posts in Вести »