Сигурно повеќе илјади битолчани вечерва 21, наспроти 22 март битолчани, пред се помлади, се искачија на Баирот над Битола. Битолчани ја испочитуваа вековната традиција, го посетија манастирот посветен на Светите четириесет Битолски и Севастополски Преподобни Маченици, или како битолчани го викаат Кркардаш, да ја испочитуваат традицијата, да се помолат за здравје и запалат свеќа.
Вечерашното топло време придонесе улиците низ Баирот да се полни, насекаде куќите полни со луѓе, гости, скалите за искачување и дворот на манастирот преполни, тешко се врви.
Кога дојдовме во дворот на манастирот, домаќите не пречекаа и ни рекоа како и секоја година, така и вечерва се подготвени да ги пречекаат битолчани, кои ретко во други денови го посетуваат манастирот, иако пределот околу него е преубав за рекреирање, цел ден е на сонце.
-Ние направивме и оваа година одбележувањето на празникот “Св. 40 Маченици“ да помине како треба, а Господ ни подари убаво време вечерва. Се одржа вечерната Богослужба, а утре рано ќе ја имаме и Утринската Богослужба, со покана битолчани да дојдат од раните утрински часови. Ние баирчани сме секогаш тука, да ги пречекаме нашите сограѓани прво на Манастир, а потоа и дома на гости, како било и години наназад, ни вели Ицо Тасевски кој секога година е “сместен“ на влезот во манастирот.
Во Манастирот, свештеници од преспанско-палагониската епархија претходно ја одржаа богослужба, а голем број битолчани стрпливо чекаа да ја целуваат Иконата на светите маченици.
Не само лицата кои се задолжени околу организацијата на службата, подготвени беа и тезгите на кои битолчани традиционално купуваат “шеќерна волна“ и “шекерни јаболчиња“, за што Раде кој е препознатлив за сите деца од Битола со неговата “шеќерна волна“ вели дека утре ќе дојдат дечињата да се израдуваат, а секако и повозрасните, да се присетат на младоста.
-Оваа година според мене има најмногу народ. Јас само би додал: вака го личи денот, на Кркардаш, со многу народ, со битолчани, фала му на Господа. Ние како и секоја година им служиме на Светците, а во текот на целата година да помагаме да се одржува манастирот. И оваа годинсСекако тука со нас секогаш е Саше, кој не фоторгафира за историја за некој некогаш да се сети на нас. Но, сакаме да не не бидеме тука, да дојдат млади, да не заменат, оти и ние остаревме, но некако не оди тоа. Ние сме секоја година тука, и за време на Короната, кога беше најтажно, кога уште во 9 часот го затворивме манастирот, потоа кога имаше снег, лани со тагата за Кочани… Се надеваме дека поминаа тие лоши времиња, велат Ицо Тасевски и Петар Митров, дел од екипата домаќини.
Но, и останатите Баирчани се “зафатени“ со празникот, а покрај тоа што редовно се на Манастир, тие ги имаат отворено вратите од своите домови за гостите од долу, од цела Битола.
-Ова е празник на Битола, но најмногу за нас, Баирчани. Ова е значаен ден за моето семејство, за нас сите од Баирот но и за сите битолчани бил секогаш и ќе биде голем празник. Затоа има толку народ, толку млади, вели Боне.
Баирчани долги години, секој посебно, има дадено некаков придонес за изградбата на Кркардаш, за да изгледа вака како е сега. Ним најповеќе ги радува тоа што традицијата продолжува. Но, реагираат на некои лоши работи, кога се уништува околината, кога се кршат дрвјата, која се прави неред, кога, како велат, не се почитува вакавот. И посакуваат секогаш Манастирот да биде полн со верници, а домовите на Баирчани отворени, полни со гости од цела Битола.
А, дека традицијата и гостопримството кои ги негуваат Баирчани ќе продолжат, доказ е тоа што секој баирчанец ќе биде пријател “од долу“ му упатува покана “за на гости“.
По вечерното бдеење наутро на Кркардаш ќе се одржи Света божествена литургија, на која се очекува да има голем број на верници. Утрешниот ден ќе дојдат оние кои не дојдоа вечерва на Кркардаш, да запалат свеќа и да се помолат на Светите 40 маченици за здравје и среќа.
Жанета Ристевска






