Националниот парк “Пелистер“ – Битола го зголеми мониторингот со поставување на 40 нови камери, поставени на 40 нови локации во реонотите на Нижо Поле, Пелистер, Цапари, Вртушка и Брајчино.
-Со овој зафат јавната установа национален парк “Пелистер“ продолжува активно да работи на унапредување на системите за заштита и следење на природата, преку примена на современи методи за мониторинг и научно истражување. Во рамки на овие активности, воспоставен е систем за следење на дивиот свет со помош на фото-замки, вели директорот Иванчо Тошевски.
Главната цел на овој систем е да обезбеди прецизни информации за состојбата во природата, преку: следење на движењето и навиките на дивите животни, проценка на бројноста на популациите, навремено детектирање на потенцијални закани и поддршка на научни и стручни анализи.
Посебен фокус е ставен на мониторинг на клучни видови како кафеавата мечка, дивокозата и карактеристични видови птици и растенија, како и на крупни цицачи (волк, рис, дива свиња и срна), кои се индикатори за здравјето на екосистемот.
Дополнително, во континуитет се следат состојбите на вредни и чувствителни живеалишта (глацијални езера, моликови шуми, камени реки и алувијални подрачја), ендемични и заштитени растителни видови, водни екосистеми и популации на пастрмка и птици, лилјаци, инсекти, водоземци и влекачи.
Ваквиот систем придонесува и за подобрување на контролата на терен и спречување на активности кои можат да и наштетат на природата. Сите податоци од камерите во насока на зголемена безбедност во рамки на НП “Пелистер“ ќе бидат достапни на СВР Битола, потенцира Тошевски.






