Press "Enter" to skip to content

Панел дискусија „Интеракција човек-ВИ“ одржана на ФИКТ 

На Факултетот за информатички технолигии и комуникаации во Битола се одржа и панел-дискусија на тема „Интеракција човек – вештачка интелигенција“, на која беа разгледани актуелните предизвици и можности што ги носи развојот на вештачката интелигенција во современото општество. Паралелно, беше организирана и средба на алумни на ФИКТ, што придонесе за дополнително зајакнување на професионалната мрежа.

Како модератор на панел дискусијата, проф. д-р Костандина Вељановска даде краток вовед и ја насочи дискусијата за предностите и недостатоците кои произлегуваат од користењето на алатките за вештачка интелигенција (ВИ).

Проф. д-р Никола Рендевски нагласи дека стремежот кон создавање интелигентни системи не е нов феномен, туку процес кој започнува уште со првите експертски системи во 1970-тите години. Тој направи паралела помеѓу тие рани обиди и денешната експанзија на ВИ, истакнувајќи дека современата револуција е овозможена пред сè благодарение на значајниот напредок во хардверот, особено во полупроводничките технологии и зголемената компјутерска моќ.

Во продолжение, проф. Рендевски посочи дека ВИ создава одредени турбуленции во ИТ секторот, особено во однос на промените во побарувачката на одредени профили и трансформацијата на традиционалните работни позиции. Сепак, тој потенцираше дека овие промени не треба да се гледаат како закана, туку како можност, бидејќи паралелно се отвораат нови бизнис модели, нови индустрии и нови начини на создавање вредност.

Посебен акцент стави на фактот дека денешната интеграција на ВИ се одвива на високо ниво на апстракција. Благодарение на современите алатки, платформи и модели, имплементацијата на ВИ решенија е значително поедноставена и побрза, овозможувајќи им на компаниите и поединците да се фокусираат повеќе на вредноста и примената, отколку на комплексноста на самата технологија.

Дополнително, проф. Рендевски истакна дека идниот развој и интеграција на ВИ ќе продолжат со засилено темпо, особено во насока на решенија специфични за одреден домен. Тој нагласи дека ВИ сè повеќе ќе се специјализира по индустрии и конкретни области, нудејќи подлабоки, поефикасни и попрактични апликации во реални сценарија. Говорејќи за иднината, проф. Рендевски изрази очекување дека ќе се појават нови, понапредни и поинтуитивни интерфејси за интеракција со ВИ, кои ќе ја направат технологијата уште подостапна и поприродна за користење. Тој предвиде дека ВИ ќе стане сè поприсутна во секојдневниот живот, до степен кога нејзиното присуство ќе се перципира како нешто вообичаено и речиси невидливо. На крајот, проф. Рендевски изрази оптимизам дека ВИ ќе има позитивно влијание врз општеството, олеснувајќи ги процесите, зголемувајќи ја ефикасноста и отворајќи нови можности за развој во различни области.

Владимир Робевски од iSource истакна дека ВИ може да се сфати како дигитална Аладинова ламба каде наместо 3 желби, се исполнуваат безброј желби, или онолку колку што може да се плати. ВИ е алатка која мултиплицира, но не повеќе од колку што се поседува знаење и искуство. Затоа образованието е битно за да се знае кога, како и каде да се стави во функција. Робевски ги објасни неговите очекувања за интерфејсот на комуникација со АИ да биде преку монитори.

Иван Илиоски, специјален советник во МДТ, истакна дека ВИ не е замена за човекот, туку алатка и нејзината вредност зависи од тоа како се вградува во процесите, особено во јавната администрација каде веќе се движиме кон дигитални и проактивни услуги. Добрата интеракција човек–ВИ не е автоматизација, туку оркестрација: ВИ помага во ефикасноста, но човекот ја задржува контролата и одговорноста. Најголемата придобивка е продуктивноста, а најголемиот ризик е скалирана грешка ако процесите и податоците не се добро поставени. Во таа насока, како држава се работи на правна рамка која ќе овозможи иновација, но и јасна можност човекот да стави кочница кога е потребно.

 Деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски, истакна дека покрај вештачката интелигенција, сè поважно место имаат и аугментираната, хибридната и симбиотската интелигенција, кои ја нагласуваат соработката меѓу човекот и технологијата. Тој објасни дека аугментираната интелигенција му помага на човекот да носи подобри, побрзи и поинформирани одлуки, додека хибридната интелигенција подразбира заеднички процес на одлучување, учење и адаптација меѓу човекот и ВИ, посебно во сложени области каде се важни контекстот, вредностите и последиците. Симбиотската интелигенција, пак, отвора можности за создавање нов квалитет на интелигенција преку заемно надополнување на човекот и интелигентните системи. Во иднина, таквите симбиотски односи може да се гледаат во интелигентни асистенти, адаптивни системи за поддршка на одлучување, па и во напредни интерфејси што учат од корисникот, ги разбираат неговите навики, стил на работа и цели.

 Ристевски ја нагласи и улогата на дигиталната хуманистика и поширокиот хуманистички пристап кон технологијата. Според Ристевски, денес не е доволна само дигитална писменост, туку е неопходна и критичка дигитална писменост, односно способност да се препознаат ограничувањата на големите јазични модели, пристрасностите во податоците, халуцинациите и ризиците од прекумерна зависност од автоматизирани системи. Постојаната интеракција на човекот со ВИ влијае и на промена на неговите навики. Тој подвлече дека човекот мора да остане во центарот како активен носител на целите, нормите и одговорноста, при што во иднина ќе се одвива коеволуција меѓу човекот и ВИ, со нова додадена вредност за бизнисот, науката и општеството, како и тоа дека ќе се појават нови работни места специфицирани со ВИ.

More from ВестиMore posts in Вести »