-По повод Светскиот ден на здравјето 7 ми Април д-р Тања Струмениковска – Ристевска од Битола добитник на Повелбата “Д-р Трифун Пановски” која ја доделува Македонското лекарско друштво.
Македонското лекарско друштво (МЛД) формирано од македонски лекари – борци во виорот на НОБ денеска во Скопје ја прослави 81 годишнината од своето постоење, на Светскиот ден на здравјето.
Во свечена атмосфера во хотелот “Рагуза Парк“ пред присутните лекари и гости се обратија претседателот на МЛД професорот д-р Горан Димитров, министерот за здравство Азир Алиу и претставникот на Светската здравствена организација д-р Аким Али.
Како круна на обележувањето на Денот на здравјето беше врачувањето на повелбите “Д-р Трифун Пановски” најзначајното признание од областа на здравството кое се доделува за долгогодишни исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и развојот на здравствената заштита.
Годинашен добитник е и нашата сограѓанка, битолчанката д-р Тања Струмениковска-Ристевска познат и признат специјалист анестезиолог од Клиничката болница Битола, која по добивањето на наградата рече:
-Оваа повелба за мене претставува големо признание за мојата долгогодишна посветеност и грижа за здравјето на пациентите. Од моето искуство како најважен аспект во лекувањето на пациентите, покрај стручноста и посветеноста ќе ја истакнам тимската работа на сите медицински работници. Во оваа пригода им го честитам Денот на здравјето на сите медицински работници.






