Шефот на стручниот штаб Кире Грбевски со сениорската екипа на Топ гол ја направи првата прозивка и го означи почетокот на подготовките за следнта полусезона. На стартот поради настинка три фудбалерки го најавија своето отсуство и во зависност од здравствената состојба ќе се приклучат со тимот во следните денови.
На воведниот тренинг медицинскиот персонал ги направи иницијалните моторички и функционални тестови кои ќе послужат како параметри во темпирањето на формата.
-На сите фудбалерки им посакав многу здравје и пријатна работа, заедно со мојот тим им ја презентирав и програмата за работа во следниот период. Подготовките ќе се одвиваат во неколку фази, а ќе се реализираат во спортска сала, надворешен терен и фитнес сала. Сите фази ќе се одвиваат во Битола, а во завршната етапа планирано е учество на силен меѓународен турнир во кој ќе одиграме три натпревари, вели Грбевски.
За евентуални засилувања тој додава:
-Што се однесува до играчкиот фонд ја продолжуваме соработката со сите играчи кои до сега ги бранеа боите за нашиот клуб и во преговори сме со неколку засилувања. Нашиот клуб до сега го напушти само една фудбалерка која својата кариера ќе ја продолжи во Англија, а поради недисциплина и неспортски однос отстранивме играч на голманска позиција. Нашата развојна стратегија е секој припремен период да приклучуваме по неколку младинки во работата со сениорскиот тим.
Сениорките на Топ гол ова пролет ќе се натпреваруваат на два фронта и во купот и во првенството, а додека пионерките, кадетките и младинките само во првенствена конкуренција.






