Синоќа на сцената на Народен театар Битола се одигра најновата премиера, претставата “Секстер“ од Марк Камолети, во режија и адаптација на Марјан Георгиевски.
Креативната екипа на претставата повтори дека претставува особено задоволство на сцената на театарот, по пауза од 25 години, повторно да се постави ваков тип на комедија — жанр кој со својата динамика, духовитост и современ сценски израз ветува одлична комуникација со публиката.
Режисерот Марјан Георгиевски и актерите велат дека процесот на создавање на претставата, за специфичниот комичен ритам на текстот на Камолети и предизвикот и задоволството што го носи работата на ваков сценски проект бил одлично прифатен.
-Како млади вљубеници во театарот го гледавме тој жанр на претстави и можеби ни беа и првиот контакт со театарот и првото чувство дека еве се случува некаква игра и сакаме и ние тоа да го правиме. Но, низ годините, работевме друг тип на претстави кој навистина беше поинаков и решивме да направиме водвиљ кој што како генерација ние не го доживеавме искуствено на сцена. Јас пред се сум актер, но исто така и режисер и ми беше голем предизвик да се впуштам во еден ваков процес и размислував многу околу тоа која ќе биде екипата која што ќе влезе во овој процес, вели режисерот Георгиевски.
Актерот Никола Пројчевски за најновата премиера додава:
-Ова е едно комплицирано време и потребна е комедија, луѓето да се насмеат. Особено во време во кое што брзиот начин на живеење и информациите кои што стигаат прават и така да не се смееме. Нешто кое што еве генерациски, можеби вие сте го гледале, се случи сега после толку време, моменти на среќа, моменти на смеење, моменти на едно опуштено и не така опуштено доживување и ќе си ги одмериме силите мажи наспроти жени.
Во креативен тим за оваа премиера се уште и костимографот – Андреј Георгиевски, сценографот – Влатко Чачоровски, музика е на Александар Димовски, светлото на Горан Петровски, а за тонот се погрижи Николче Терзиевски.
Дизајните на колажи се на Сандра Грибовска, на постер на Михајло Димитриевски – The Micho.
Во претставата играат: Николчe Пројчевски, Катерина Аневска Дранговска, Александар Димитровски, Сандра Грибовска Илиевска, Марија Цветановска, Борче Ґаковски.











