Атлетскиот клуб Олимп од Битола ја продолжува серијата силни настапи, потврдувајќи ја формата со нови победи и подиум-пласмани на натпреварите што викендов се одржаа во Скопје и Штип. На меѓународниот атлетски митинг „Отворање на сезона 2026“ во Скопје, атлетичарите на Олимп остварија забележителни резултати во повеќе дисциплини.
Во женска конкуренција, Ирма Хајдари забележа двојна победа, триумфирајќи на 1500 метри со време од 4:55 и на 800 метри со 2:23. Кај мажите, Бојан Чаприќ исто така освои две први места — на 1.500 метри (4:15) и на 800 метри (1:59). Дарија Крстевска постави два лични рекорди, освојувајќи второ место на 1500 метри (5:07) и трето место на 800 метри (2:28). Макс Пауер го освои четвртото место на 800 метри, додека Матеја Матевска заврши на седмото место во дисциплината скок во далечина.
Континуитетот на резултатите продолжи веќе следниот ден на трката „Superior Runs“ во Штип, каде атлетичарите на АК Олимп повторно се искачија на подиумот. Адријана Поп Арсова Рашиќ беше апсолутна победничка на трката на 5 километри со време од 18:39.
Во машка конкуренција на истата дистанца, Димитар Илиев го освои второто место (15:35), додека Димитар Петровски беше трет (16:35). На 10 километри, Григорјан Никовски го освои третото место со време од 33:24. Дополнително, тимот на АК Олимп во состав Илиев, Петровски, Андовски и Епов го освои првото место во тимска конкуренција на 5 километри.
Овие резултати претставуваат продолжение на серијата успешни настапи на клубот во изминатиот период и јасен показател за стабилната форма и квалитетната подготовка на атлетичарите, реализирана под водство на тренерот Димитар Петковски.
Од клубот најавуваат дека со ист интензитет ќе продолжат и во следните натпревари, со фокус на одржување на формата и освојување нови резултати на домашната и меѓународната сцена.






