Од 19 до 26 мај, Македонија ќе биде домаќин на уникатна гастрономска резиденција организирана од Slow Food Macedonia, која низ Охрид, Преспа, Мариово и Битола ќе ги поврзе локалните производители, традиционалните вкусови и современата светска гастрономија.
Главен гостин на резиденцијата е Филип Ондрушек интернационално признат chef со австриско словенски корени, кој има работено во некои од најзначајните ресторани кои негуваат современа кујна во светот, меѓу кои Централ во Перу, Кокс на Фарски Острови, Нарисава во Јапонија, Азурменди во Шпанија и Брае во Австралија.
Неговата кариера опфаќа и приватни вечери во француски и шпански замоци, дипломатски приеми, вински искуства во Калифорнија и сотаботки со светски познати гастрономски имиња.
Но и покрај глобалното искуство, Ондрушек останува длабоко посветен на локалната храна, идентитетот и одржливата гастрономија.
„Цврсто верувам дека националната историја е една од најмоќните сили што ги обликуваат традициите на храна. Кујната делува како жив документ“, вели Ондрушек во едно од неговите последни интервјуа.
Во текот на посетата, шеф Ондрушек ќе одржи мастерклас во Охрид, ќе се сретне со локални производители, ќе ги истражува македонските presidia производи и ќе работи со готвачи и винари од различни региони во земјата.
Особен фокус ќе биде ставен на одржливата гастрономија, локалните производи, сезоналноста и филозофијата на Slow Food.
„Нашата мисија отсекогаш била да покажеме дека храната не е само производ, туку култура, идентитет, биодиверзитет и начин на живот. Македонија има извонредни локални производи и гастрономски приказни што заслужуваат да бидат препознаени на светската мапа“, велат од Slow Food Macedonia.
Финалниот настан од македонската гастрономска турнеја на Ондрушек ќе се случи на 25 мај во UTOPIA Private Club во Битола, каде ќе биде организирана ексклузивната вечера под наслов
THE TASTE OF STONE & SUN• Slow Food Dinner by Filip Ondrušek
Вечерата ќе биде инспирирана од македонскиот terroir, локалните производи, дивите билки, охридската пастрмка, медот од Дихово, буковската пипер и пејзажите на Македонија.
Од UTOPIA велат дека настанот нема да биде класичен fine dining dinner, туку „гастрономско патување низ Македонија раскажано преку современа кујна, оган, земја, мед и локални приказни.“






