Press "Enter" to skip to content

Електрични тротинети ќе се возат по нови правила, со 18 години и со брзина до 20 километри, не на коловоз

Доколку прекршок направи дете, казната нема да ја плати само малолетникот. Во зависност од прекршокот, родителот или старателот ќе биде санкциониран со 50, 80 или 120 евра, со што се воведува и нивна директна одговорност за почитувањето на правилата.

Собранието го усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој првпат детално се уредува користењето на лесните електрични возила. Само полнолетни, со наполнети 18 години ќе смеат да управуваат електрични тротинети, максималната брзина се ограничува на 20 километри на час, се забранува превоз на второ лице, а за прекршителите се одредени казни. Една од најважните новини е експлицитната забрана на електричен тротинет да се превезува друго лице.

Возење по двајца, а понекогаш и тројца на едно возило сега е веќе минато, а отсега претставува прекршок што ќе се казнува со 50 евра.

Електричните тротинети треба да се движат по велосипедски патеки или велосипедски ленти, а доколку таква инфраструктура не постои, ќе биде дозволено движење по тротоар или пешачка патека. Возачите ќе мора да се движат по десната страна, а доколку се движат во група, задолжително ќе треба да возат еден зад друг.

Возачот нема да смее да вози без двете раце на управувачот, да се држи за друго возило, да влече или да турка предмети, да користи мобилен телефон, таблет, паметен часовник или слушалки, освен комуникациски систем вграден во заштитен шлем. За ваквите прекршоци е предвидена глоба од 50 евра.

Возачите ќе мора задолжително да носат заштитен шлем, додека во ноќни услови или при намалена видливост ќе биде задолжително и носење рефлектирачки елек. За непочитување на овие правила следува прекршочна казна.

За непочитување на правилата за движење, користење на несоодветни површини или движење во спротивна насока се предвидува глоба од 80 евра. Повисока казна од 120 евра ќе следува за надминување на дозволената брзина на површините каде што се движат тротинетите.