Вечерва со почеток во 21 чаот во Центар за култура Битола, премиерно ќе биде изведена претставата „Свињи“ по текст на Томислав Зајец, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска. За првпат пред македонската публика, ова значајно дело на современата хрватска драматургија отвора силни и актуелни прашања за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата и насилството.
Низ специфичен драмски јазик, во кој се преплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, претставата ја истражува човековата потреба за припаѓање, љубов и разбирање во свет што честопати ги оттурнува најранливите.
„Свињи“ е претстава што не бара од публиката да заземе страна, туку да остане со прашањата што ги отвора. Зашто најстрашните облици на насилство не започнуваат со омраза, туку со рамнодушност, молчење и прифаќање на светот таков каков што е. Во тој простор помеѓу личната, колективната и театарската одговорност се наоѓа суштината на нашата претстава, да не понуди готови одговори, туку да е огледало на тоа како ги третираме луѓето околу нас и какво општество создаваме.
Играат Илина Чоревска, Викторија Степановска Јанкуловска.
Претставата е во продукција на Театар „Златен Елец“, во копродукција со Центар за култура Битола.






