Press "Enter" to skip to content

“Етеричен хербариум“ – изложба на Лидија Стефановска во галерија “Ранко Струмениковски“ во Битола (фотогалерија)

-Цветовите не се само дел од природата. Тие се траги од времето, спомени зачувани во боја и тишина, сведоштва за едно внатрешно патување кон уметноста… “Етеричен хербариум“ – Лидија Стефановска.Во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола свечено беше отворена првата изложба на Лидија Стефновска, насловена “Етеричен хербариум“ на која се изложени 130 слики во различен формат.Пред голем број на присутни кон првата изложбата зборуваше галеристот д-р Драган Ристевски кој рече:-Во ликовните дела на д-р Лидија Стефановска доминантен впечаток е експлозијата на животот и движењето. Кај некои од нив, разгранетите органски флорални форми често наликуваат на цветови кај кои е присутна динамиката, експресијата и контрастот на јарките и интензивни бои. На тој начин, до израз доаѓаат хармонијата на боите, чувството на движење и силната енергија. Во основа, белите површини се во дијалог со централниот колоритен сегмент, па добиваме игра на бои и нијанси, како и истражување на просторот, текстурата и симболиката, а со тоа и оригиналност. Во повеќето нејзини дела препознатлив е авторскиот ракопис со силна колористичка експресија, како и нејзиниот слободен и енергичен потег.-Авторката покажува изразена чувствителност кон бојата и ритамот на формите. Така, богатиот колорит започнува да „зборува“, а зборовите им се предаваат на тишината. Сè заедно, ликовните дела прикажани на првата самостојна изложба на Стефановска не тежнеат кон реалистичко прикажување, туку кон декоративна експресија што создава препознатлив ликовен израз со потенцијал за натамошно развивање на современа флорална апстракција, додаде Драган Ристевски.За делата на Стефановска зборуваше ликовниот критичар Владо Ѓоревски кој рече:-Од почетокот на ликовниот израз, комуникацијата, ритуалите, трансцендентните патувања, креативните слоеви и нивното постојано разоткривање и продлабочување, човештвото, низ сите епохи, имало исклучителен однос кон цветовите, цутовите, цвеќињата и растенијата. Тоа е магиски, спиритуален, симболичен однос, таинствен, алхемиски, лековит, верски, духовен, визионерски, небесен, придружнички, исполнет со љубов, со верба… Цветовите, цутовите, цвеќињата и растенијата се претставувани само како декоративна „реалистичка“ појава, која од таинствени ликовни записи, исполнети со безброј значења и смисла, се претвораат во „дизајнерски“ интервенции низ сите елементи на потрошувачкото општество, од структурата во текстилот до порцеланскиот „сјај“ во тоалетните ентериери. Всушност, некаде на овој пат на комформистичкиот напредок, цветовите и благородноста на растенијата се изгубија, станаа невидливи, непотребни во својата небесна енергија, која постојано ја поседуваат.-Лидија Стефановска, кон мотивите инспирирани најчесто од цвеќињата, приоѓа со одредена искреност, ликовна и стилска хетерогеност. Својата ликовна амбиција ја реализира со ентузијазам, кој енергично и со верба ги претставува цвеќињата во контекст на едно нејзино лично доживување. Разубавувањето и претставувањето на различните цветни форми ги обликува, пред сè, со одредена интензивна колористичка разновидност. Благодарение на оваа нејзина верба, таа реализира бројни ликовни дела, со употреба на чисти бои, директно поставени врз сликарското платно, низ кое внесува специфична технологија преку која добива стаклест, интензивен сјај. Боите ги поставува директно, со што постигнува интензитет и транспарентност без нијансирање. Нејзината изложба, насловена „Етеричен хербариум“, е своевиден личен дневник преку кој Стефановска кореспондира со реалитетот на одбраните мотиви и ликовните корелации, како и со визуелните комуникации и разновидните сликарски траги низ различни временски и стилски детерминанти.Авторката на делата Лидија Стефановска за концептот на изложбата, сликите и идејата рече:-Моето време за создавање доаѓа длабоко во ноќта, кога светот се смирува и кога тишината станува сојузник на инспирацијата. Во придружба на омилената музика – поп, рок, џез и особено дип хаус – се случува трансформацијата во моето второ јас, уметникот. Идеите често созреваат со денови, па дури и недели. Размислување, визуелизација, немир и силна потреба замисленото да добие форма. А потоа доаѓа моментот на креацијата – вистинска ерупција на емоции и инспирација. Но, процесот ретко завршува со последниот потег на четката. Следуваат набљудување, преиспитување, експериментирање и потрага по подобра завршница. Платното се гледа од различни агли, во различни светла и во различни расположенија.За време на пандемијата предизвикана од коронавирусот, кога животот ненадејно забавува, таа добива можност за длабока интроспекција. Во тие тивки моменти сфаќа дека нејзината животна приказна има потреба од уште едно поглавје. Иако е страствен патник кој посетил 55 земји на различни континенти, чувствува потреба да остави нешто свое, нешто трајно и лично. Така започнува нејзиното патување низ светот на уметноста. Самоука, водена од љубопитност и неуморна желба за учење, преку бројни туторијали и часови посветена работа ги создава своите први дела. Капките боја почнуваат да се претвораат во композиции, а платното станува простор за лична експресија.-„Ниту една слика не е случајност. Секоја содржи дел од мојата душа“, вели таа.Стефановска е родена е на 22 мај 1959 година во Битола. Детството го поминува во родниот град, под силното влијание на својата баба – жена која оставила длабока трага во нејзиното формирање како личност. Токму од неа ја наследува љубовта кон книгите, цвеќињата, везењето и плетењето, но и љубопитноста за јазиците и духовноста. Под нејзиното внимателно водство ги изучува влашкиот и грчкиот јазик, додека преку читањето и преведувањето на библиски текстови истовремено ги совладува и двата јазика. Мануелната умешност, пак, најверојатно ја наследува од својот татко, врвен мајстор на својот занает.Основното образование и гимназијата ги завршува во Битола, потоа својата одамна замислена професионална патека ја продолжува на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. По дипломирањето започнува да работи како општ стоматолог, а нејзиниот сон – специјализација по ортодонција – со упорност и посветеност станува реалност. Успешно ја завршува специјализацијата и го стекнува звањето специјалист ортодонт.

Жанета Ристевска

Фото: Дамијана Ристевска

More from КултураMore posts in Култура »