На барање на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, беше мобилизиран Тимот за брз одговор на ДЗС составен од членови на ДПД „Архангел“ – Битола.
По пристигнувањето на терен, во непосредна координација со командирот на ТППЕ Битола и директорот на ДЗС, нашиот тим беше распореден на критичните позиции и активно се вклучи во локализирање и ставање под контрола на пожарните линии во атарите на: Лознани, Мусинци, Путурус, Лопатица и месноста Бели Мост.
Интервенцијата бараше брзо распоредување, добра координација и максимална ангажираност на сите сили на терен, со една заедничка цел – да се спречи понатамошното ширење на огнот и да се заштитат населението, имотот и природата. Уште еднаш се покажа колку е значајна координираната работа меѓу професионалните и доброволните пожарникари и институциите од системот за заштита и спасување.
-Горди сме на нашите доброволци кои, кога заедницата има потреба од нив, без двоумење ја ставаат својата подготвеност, знаење и време во служба на граѓаните. Благодарност до Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ Битола и сите останати сили на терен за соработката и координацијата, соопштија од ДПД “Архангел“ од Битола.






