Синоќа, во фоајето на НУ Центар за култура Битола, свечено се отвори 14. издание на изложбата на фотографии „Со Љубов од Битола“, проект на Центарот за европски развој и интеграција – ЦЕРИ Битола.
Годинашната тема “Битола во златниот час“, ги насочи фотографите кон оној краток миг пред зајдисонце кога светлината станува мека и топла, а градот добива сосема поинаков лик.
На конкурсот, отворен од 01.07 до 31.07, свои фотографии испратија 19 фотографи, а од пристигнатите 100 фотографии стручното жири во состав Александар Јоначиќ, Горан Кузмановски и Диоген Хаџи-Коста Милевски селектираше 25 фотографии кои се дел од изложбата.
На отворањето беа доделени наградите и пофалницата за најдобрите фотографии.
Пофалница за посебна мајсторија и беше доделена на Наталија Василевска, а истата ѝ ја врачи Васко Богдановски од “Опфолио инвестиции“, поддржувач на изложбата од реалниот сектор.

Во своето обраќање, тој истакна дека во “Опфолио инвестиции“ веруваат во нешта што се градат со време, и дека лесно донеле одлука да застанат зад проект кој веќе 13 години успева да го документира токму она што трае кратко, но вреди да се зачува.
Третата награда му припадна на Тања Димитриевска, а дипломата ѝ ја додели Димитар Михајловски, директор на КИЦ Битола, во чија реализација е битолското културно лето “Бит Фест 2026“.
Тој ги поздрави напорите на организаторот и квалитетот на изложбата, потенцирајќи дека КИЦ е институција која поддржувала и ќе продолжи да поддржува проекти како „Со Љубов од Битола”.
Втората награда ја освои Викторија Стојковска, а дипломата ѝ ја врачи Марина Крстиќ, заменик градоначалник на Општина Битола.
Во своето обраќање, таа истакна дека фотографијата не е само слика — таа е момент што одлучил да остане, а кога тој момент е создаден во нашиот град, тогаш станува и приказна за Битола, за нејзините улици, луѓето, светлината, атмосферата и малите детали што често ги поминуваме секојдневно, а не забележуваме колку се убави.
Крстиќ упати честитки до сите автори кои со своите фотографии ја раскажуваат Битола на свој, автентичен начин.
Првата награда за Давид Козаров ја додели Диоген Хаџи-Коста Милевски, претседател на ЦЕРИ Битола, кој на партнерите им се заблагодари за поддршката и долгогодишното партнерство.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 27.08.2026, секој ден освен во недела, во работното време на НУ Центар за култура Битола.










