-Два дена чалгија. Два дена традиција. Една Битола. Чаршијата запеа, Битола доби фестивал на чалгијата со кој се потврди дека визуелниот идентитет на фестивалот соодветствува со културата, историјата и музичкото богатство на градот.
-Вечерва одличен настап на “Љубојна“ и Битолскиот Чалгиски Оркестар.
Вечерва со одржување на втората фестивалска вечер во Старата битолска чаршија, на малиот плоштад пред “Монмартр“ во Битола заврши првиот фестивал “Битолски чалгиски денови“, оживее автентичната атмосфера и духот на Старата чаршија која се претвори во вистинска, жива сцена на старото битолско боемство.
Градот два дена пулсираше во ритамот на традиционалната чалгиска музика, низ настанот „Битолски чалгиски денови“, кој е дел од програмата на Битолското културно лето “Битфест“ во организација на Културно-информативниот центар – Битола.
Вториот фестивалски ден, 15 август го донесе и првото пајтонско дефиле по Широк Сокак на кое се појавија седум пајтони.
Во вечерниот термин во Чаршијата повторно настапи “Чапче и Тајфата“, како загревање за главниот настан во завршниот ден.
Групата “Љубојна“ и Битолскиот Чалгиски Оркестар направија одлична атмосфера, а присутните на платото во чаршијата, која беше претесна пееја заедно со Вера Милошевски чалгаџиски песни, а не беа изоставени и песните за Битола.
Вистинска чалгаџиска – боемска атмосфера надополнета со пиво и скара на двата фестивалски денови кои останаа документирани со стотици фотографии, селфи фотографии и видеа на социјалните мрежи.
Синоќа во старата битолска чаршија осветлена во фестивалски амбиент со настапот на ансамблите “Чапче и Тајфата“, “Филип Шурбевски Езгија квартет“ и “Мерак Чалгии“ со Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
Претходно на првото издание на Битолски чалгиски денови започна со започна со семинар за Канон – чалгиска музика водена од познатиот македонски музичар Филип Михајловски кој се одржа во Офицерски дом.
Оригиналните песни, инструменти и препознатливиот звук, кои за Битола и битолските боеми значеле многу и денес оставаат силен печат во секојдневието на градот. Оваа година чалгијата на посебен начин ќе ја заживее Битола, а посебно Старата битолска чаршија.
Преку богата дводневна програма, чалгијата ќе биде претставена не само како музика, туку и како дел од културното наследство и препознатливиот градски идентитет.
Инаку, чалгиската музика во Битола потекнува од богатата градска музичка традиција, којашто со векови комуницирала со големите светски музички центри. Влијанијата од Истанбул, Солун, Дамаск, како и од Виена и Париз, го обликувале она што денес го знаеме како чалгиски звук. Слично на модата од тоа време и музиката се делела на „Ала Турка“ и „Ала Франга“.
За Битола и битолските боеми, оваа музика со нејзините оригинални песни и инструменти значела премногу, што е потврдено и од бројните преданија и легендарни музички имиња кои оставиле неизбришлив траг во културното наследство на градот.
Ж.Ристевска
Фото: С. Ристевски









