Press "Enter" to skip to content

Плажа “Сончев Брег“ – Крани спој на природа, музика, дружење и забава под ѕвездите (фотогалерија)

Жанета Ристевска

-На помалку од 50 километри од Битола се наоѓа плажата “Сончев Брег“ во авто-кампот “Крани“, а таму, овој викенд започна „Камп Фест Преспа 2026“, настан кој ги собра љубителите на кампувањето, музиката, природата и Преспанското Езеро.

Кампувањето е еден од препознатливите делови на фестивалот, а шаторите деновиве се дел од пејзажот на Крани – како во самиот авто-камп, така и во просторот околу плажата. За многумина, токму тоа е убавината на “Камп Фест Преспа“ – денот да започне покрај Преспанското Езеро, а вечерта да продолжи со музика, дружење и забава под ѕвездите велат органзиторите. “Сончев Брег“ плажата се наоѓа  на помалку од 50 километри од Битола, во подножјето на Галичица и непосредно покрај Преспанското Езеро, на надморска височина од околу 850 метри. Со надоаѓањето на водата “Сончев Брег“ – Крани ова лето стана една од најпосетените плажи во Преспа. Лежалки, чадори, шанк со пијалаци, кафе и коктели по многу пристапни цени,  музика и  забави привлекоа многу посетители. Најголем број се камперите од авто камп “Крани“ на кои име и најблизу оваа плажа.Зад повторното оживување на плажата „Сончев Брег“ во Крани стојат двајца млади ентузијасти, љубители на Преспанското Езеро, кои сакаа да му го вратат сјајот на плажа Крани, кое со години порано беше омилено летувалиште на многу битолчани, и во што успеаја.Минатото лето, со багери ја исчистија плажата, донесоа песок и поставија шанк со егзотичен изглед, со желба Крани повторно да стане место каде што ќе има живот, музика и гости. Плановите им беа уште поголеми. Како што ни кажаа низ разговорот со нив.-Сакавме да направиме и голема платформа, да направиме уште поубаво место за луѓето, но лани летото водата почна да ни се повлекува, а не знаеме што не очекува. Сепак, не се откажавме. Упорно, секој ден, со багерите ја чистевме плажата и се трудевме да го зачуваме местото. Ние го сакаме ова езеро и верувавме дека ќе му се врати животот, раскажуваат тие.И навистина така беше, како да се случило чудо. Оваа година, ова лето езерото надојде повеќе од метар и половина, повторно доби длабочина, а водата доби прекрасна сина боја.-Кога го видовме тоа, знаевме дека целиот труд од минатото лето не бил залуден. Најмногу ни значи што гледаме луѓе повторно да уживаат во езерото. Некои доаѓаат со мали деца, други со друштво, млади доаѓаат со даски, со глисери, се капат, се смеат, остануваат до зајдисонце. Тоа ни беше и целта – да го вратиме животот на плажата, но и љубовта кон езерото, ни кажуваат со голема радост.Игор, еден од камперите во авто-кампот “Крани“ вели:

-Супер е што имаме вака уредана плажа во кампот и блиску до Битола, со оглеад како беше пред две години, кога едвај по мала патека се пробивме до водата низ трските. Сега и далеку поубаво. Еве викендов ќе има музика и забава до доцна во ноќта, а за нас камперите тоа е посебно доживување. Крани повторно станува „ин“. Затоа што некои места едноставно знаат да се вратат во мода – место каде што старите спомени се среќаваат со новите генерации кога сегашноста се среќава со носталгијата.Крани не е само уште една плажа. За многу битолчани и Преспанци, ова место е дел од летните спомени од едно друго време. Во времето на социјализмот, плажата беше дел од авто-кампот „Крани“, добро познато туристичко место каде што летуваа, се сончаа и капеа генерации тинејџери и млади. Беше „ин“ да се дојде во Крани, да се прошета по плажата и да се биде дел од летната приказна.Како што секое време си има свои урбани легенди, така и Крани има свои. Се раскажува дека на плажата доаѓале оние кои сакале да ги покажат своите убаво извежбани тела – и девојки и момчиња. Посебно останале запаметени приказните за битолските билдери, кои токму тука доаѓале да ги покажат своите набилдани тела.Но, зад сите тие приказни стои нешто многу поважно – дружењето. Се раѓале пријателства, симпатии и љубови, се раскажувале шеги, се слушала музика, а романтичните зајдисонца биле природна сцена за летните љубови.И денес, Крани го носи истиот шарм. Особено неговото зајдисонце, за кое со години се раскажува дека е едно од најубавите на Преспанското Езеро – сонцето тука заоѓа многу доцна, оставајќи ја водата и небото во топли црвени и златни нијанси.

Фото: Сашо Ристевски

More from ВестиMore posts in Вести »