Press "Enter" to skip to content

Мал привремен кино салон под отворено небо: Utopia и 3D кино со “Странецот“ (фото)

Неколку дена пред почетокот на 47. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола дворот на UTOPIA во Битола на една вечер се претвори во мал привремен кино салон под отворено небо. Во соработка со 3D Кино беше прикажан „Странецот“, новата филмска интерпретација на култниот роман на Албер Ками во режија на Франсоа Озон, по што следуваше разговор со публиката за книгата, филмот и темите што ова дело ги отвора повеќе од осум децении по неговото објавување.Настанот беше замислен како книжевно филмска претходница на „Браќа Манаки“ и како средба на два различни, но блиски света, литературата и филмот. Под отворено небо, со платно поставено во дворот на UTOPIA, публиката имаше можност не само да го погледне филмот, туку и да остане на разговор по проекцијата.

Писателката Јасмина Атанасова го водеше разговорот меѓу книжевната и филмската перспектива, отворајќи теми поврзани со ликот на Мерсо, апсурдот, отуѓувањето, осаменоста и прашањето што секогаш се поставува кога едно големо книжевно дело добива филмска интерпретација. Колку филмот треба да ѝ остане верен на книгата и каде започнува правото на режисерот да создаде сопствено дело?Разговорот продолжи и по проекцијата, со различни читања на романот и филмот и со публика во која имаше и читатели на Ками и гледачи кои за првпат се сретнаа со приказната преку филмот на Франсоа Озон. Посебен дел од вечерта беше посветен и на европската кинематографија. Менче Хаџи Коста Милевска од Центарот за култура зборуваше за важноста на европската филмска продукција и за проектите преку кои 3D Кино ја доближува европската кинематографија до домашната публика.

Фокусот беше ставен не само на проекцијата на европски филмови, туку и на создавањето контекст околу нив, на разговорот со публиката и на отворањето простор за филмски остварувања кои не секогаш лесно стигнуваат до редовниот репертоар. Соработката меѓу Книжевниот клуб UTOPIA и 3D Кино ја поврза литературата со филмот во формат кој не заврши со одјавната шпица.Од UTOPIA велат дека настанот бил замислен како мал, независен придонес кон атмосферата што „Браќа Манаки“ ја создава во Битола.

-Сметаме дека еден голем фестивал не го создава само неговата официјална програма. Го создава и градот околу него. Просторите, малите бизниси, културните иницијативи, уметниците и граѓаните можат на свој начин да дадат личен придонес, без тој да биде наметлив. Некој со изложба, некој со музика, некој со книга, некој со разговор. Нашиот придонес беше платно во двор, филм под отворено небо и разговор по него. Токму од такви мали гестови фестивалот почнува да се чувствува како дел од целиот град, велат од UTOPIA.Настанот не беше дел од официјалната програма на „Браќа Манаки“, туку независна иницијатива реализирана како своевидно загревање пред фестивалските денови. Токму ваквите содржини ја прошируваат фестивалската атмосфера и надвор од официјалните локации и покажуваат како еден град може да живее со голем културен настан и преку сопствени, помали иницијативи.

За Книжевниот клуб UTOPIA, кој од почетокот е замислен како простор во кој литературата излегува од класичниот формат на книжевна средба, оваа вечер беше уште еден обид книгата да се постави во поинаков контекст. Овојпат преку филмот. Едно платно, неколку редови столици, публика под отворено небо и „Странецот“ на големото платно. Мал привремен кино салон во дворот на UTOPIA. И Ками меѓу публиката долго по последниот кадар.

More from КултураMore posts in Култура »