-УКЛО трета година по ред бележи раст на бројот на новозапишани студенти на прв циклус студии. По двата уписни рока, на Универзитетот „Св. Климент Охриски“ – Битоа запишани се 1.062 студенти, 77 повеќе од минатата година, што претставува раст од речиси 8 проценти.
На универзитетите во земјава денеска почнува новата студиска 2026/2027 година со организирање прв академски час. Единиците на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола по повод почетокот на академската 2026/2027 година, во четврток, 1 октомври 2026 г. ќе одржат Прв академски час.
Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски обиколката на единиците ќе ја започне во 10 ч. на Факултетот за биотехнички науки.
На Факултетот за информатички и комуникациски технологии, во 10.45 ќе се одржи настан посветен на студентите – ќе се промовира Студентското катче, нов простор наменет за нивно дружење, размена на идеи и создавање нови можности за академски и студентски активности.
Свеченоста на Факултетот во присуство на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски продолжува во 11:00 часот, со обраќања по повод почетокот на новата академска година.
Во 13.00 часот, ќе се одржи централен настан на Правниот факултет – Кичево, дисперзирани студии во Битола. Покрај раководството на Факултетот и ректорот Игор Неделковски се очекува присуство на министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски и други релевантни претставници од институционалниот и професионален сектор.
Со оваа агенда, УКЛО го одбележува почетокот на новата академска година со порака дека студентите се во центарот на академската заедница – од создавање простор за нивни идеи, дружење и побогат социјален живот – до првиот чекор во нивното високообразовно и професионално патување.
Инаку, во Македонија има околу 20 универзитети, а на додипломски студии годишно студираат околу 53.500 студенти. Од нив 46.925 се редовни, а околу 6.600 вонредни. Околу 13.800 се нови бруцоши, односно студенти што за првпат се запишуваат на прва година.






