По завршувањето на првиот европски натпреавр во Битола тренерот на Еурофарм Пелистер, Лино Червар, не го криеше разочарувањето по поразот од шпанска Ла Риоха и каже дека одиграле далеку под очекувањата и заслужено останале без бодови. Червар го пофали противвникот и рече дека шпанскиот состав бил подобар во сите сегменти од играта и дека Пелистер не успеал да одговори на предизвикот.
-Шпанците беа подобра екипа од нас. Станува збор за школуван и добро воигран тим, додека ние едноставно разочаравме. Искрено ми е жал поради тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Одбраната ни беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра. Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би искористил една изрека – едно расипано јаболко може да ја уништи целата гајба јаболка. Таа несигурност се пренесе на целиот тим кога оние што требаше да ја преземат одговорноста не го направија тоа. Бевме исплашени и неконцентрирани.
Червар зборуваше и за голманот на Ла Риоха, Хоан Ледо, кој натпреварот го заврши со 20 одбрани.
-Го разбранивме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракометот се навистина многу и тоа доволно говори за нашата реализација. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините, а да одиграш ваков натпревар, навистина е тажно.
-Можеш да загубиш натпревар, тоа е спорт. Но важно е како ќе загубиш. Ако противникот е подобар, а ти се бориш до крај, тогаш му подаваш рака и му честиташ. Ние не заслуживме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да прибегнам кон игра што не ја сакам, но бевме во ситуација во која баравме било каква шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде и поубедлив. „Мораше и требаше да одиграме многу подобро. Разочаравме. Се надевам дека ќе научиме од грешките, бидејќи понекогаш токму тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви изданија не смеат да ни се повторуваат. Сè ќе анализираме заеднички и ќе се обидеме да извлечеме поуки за иднината, додаде тренерот на битолчани.









