Press "Enter" to skip to content

Работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад на Пелагонискиот и Југозападниот регион

Денес во Битола се одржа втората работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад на Пелагонискиот и Југозападниот регион.

Седницата на која се присутни градоначалниците од овие региони ја отвори претседателот на Меѓуопштинскиот одбор градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски, а воведно обраќање имаше градоначалникот на Битола Тони Коњановски.Градоначалникот Коњановски за денешната седница го истакна значењето на нацрт-верзијата на Регионалниот план за управување со отпад и изрази уверување дека преку отворена и конструктивна дискусија ќе успеат да ги усогласат ставовите и приоритетите, со што ќе се даде конкретен придонес кон воспоставување поефикасен, одржлив и функционален регионален систем за управување со отпад.

-Пред нас е една сериозна промена во начинот на кој управуваме со отпадот во целиот регион. Тоа ќе значи подобри услуги за граѓаните, почисти и побезбедни заедници и подобра заштита на животната средина. Секој од нас има своја улога во тој процес, а резултатот ќе зависи од тоа колку добро ќе успееме тие улоги да ги поврземе и да работиме како еден систем. И затоа многу е важно е да имаме заедничко разбирање дека Регионалниот план за кој ќе зборуваме денес не е само уште еден обичен документ, ниту пак Регионалниот систем е само прашање на изградба на нова инфраструктура или набавка на опрема. Инфраструктурата сама по себе не може да го реши проблемот со отпадот. Новиот систем ќе биде целосно функционален само кога инфраструктурата, услугите кои се нудат, ние како институции и општини, и секако граѓаните кои го користат системот ќе работиме сите заедно кон остварување на заедничка цел,рече градоначалникот Коњановски, истакнувајќи ја важноста на меѓуопштинската соработка.
На седницата беше извршена презентација на нацрт верзијата на Регионалниот план за управување со отпад, како и комуникациските аспекти на планот и вклученоста на јавноста.

Претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и на САЛАР Интернационал зборуваа за статусот на проектот за регионалниот центар за отпад и обиколниот пат во Новаци, за претоварните станици и набавка на возила и опрема, изработката на методологијата за новите тарифи за отпад, формирање на регионално комунално претпријатие и за други активности, како и обврските на општините.

Работата на Одборот е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ финансиран од Шведска и спроведуван од САЛАР Интернационал.