Press "Enter" to skip to content

УКЛО и пријателите со Отворен ден на Факултетот за биотехнички науки – Битола (фотогалерија)

На 21 октомври 2026 г. на Факултетот за биотехнички науки – Битола се одржа Отворен ден УКЛО и пријателите, под мотото „Форум на УКЛО – Образование, наука, стопанство“. Програмата опфати изложбена прошетка „Expo Walk“, со штандови од единиците на УКЛО и КРЕДО Центарот, Регионалната стопанска комора, компании од бизнис  секторот и невладини организации.Ректорот, проф. д-р Игор Неделковски посочи дека  Отворениот ден е можност за промовирање на научноистражувачки проекти, со акцент на поврзувањето на науката со бизнис-секторот, институциите и заедницата.-Денес имаме задоволство да промовираме неколку истражувачки проекти, пред сè да претставиме еден на нашиот домаќин, Факултетот за биотехнички науки, финансиран од Министерството за образование и наука. Преку овој Отворен ден сакаме подобро да се запознаеме со научноистражувачката работа на универзитетите, но и да ги претставиме и промовираме можностите за научни студии на нашиот универзитет, пред сè магистерски, специјалистички и докторски студии. Честопати овие студии се занемаруваат, а јавноста повеќе се интересира за огласите за додипломски студии. Меѓутоа, моментално се отворени конкурсите за последипломски и докторски студии, па преку овој настан сакаме да промовираме дека на нашиот универзитет постои сериозна и меѓународно верификувана научноистражувачка работа. Воедно, сакаме да ги повикаме сите заинтересирани да се запишат на магистерски и докторски студии.-Современиот развој на науката, технологијата и општеството воопшто покажува дека насекаде во светот првиот циклус, односно додипломските студии, не е доволен. Во развиените земји вообичаено е еден млад човек да има завршено и магистерски студии, а потоа и докторски студии, доколку сака да се специјализира во одредена област. Додипломските студии се поопшти, додека последипломските и докторските студии се поспецијализирани, изјави ректорот Неделковски.Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски се осврна кон континуираното инвестирње во високото образование, подобрувањето на студентскиот стандард и унапредувањето на условите за работа и студирање, препознавајќи ги науката и образованието како клучни двигатели на развојот на регионот и државата.-Посебно задоволство ми претставува тоа што сум на Факултетот за биотехнички науки во Битола, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Ова е прекрасна можност преку Отворениот ден да се поврзат науката, образованието, бизнис-секторот, како и локалната и централната власт, како значајни чинители што можат да придонесат за поквалитетен развој не само на регионот, туку и пошироко, на територијата на Република Македонија. Од аспект на Министерството за финансии, воедно и како претставник на Владата на денешниот настан, ќе посочам во кои области обезбедуваме средства, особено во делот на образованието и високото образование. Во последните две години значително се зголемени платите на наставниот и ненаставниот кадар на факултетите, со што се подобри материјалната положба на вработените, кои се движечката сила на универзитетите и факултетите. Понатаму, инвестираме во подобрување на студентскиот стандард, преку сеопфатна обнова и реконструкција на студентските домови низ државата. Неколку од нив веќе се ставени во функција, додека на други сè уште се работи. За студентскиот дом во Битола, исто така, се предвидени инвестиции и финансиските средства се обезбедени. На тој начин го подобруваме секако и студентскиот стандард, како и условите во кои студентите живеат, учат и творат. Во оваа насока, обезбедени се и средства за субвенционирање на студентскиот оброк, како и за стипендирање на студентите. Со овие активности продолжуваме и во наредниот период“  Дополнително, се реализира реконструкција на неколку факултети чии проекти беа закочени во минатото, но сега повторно се активираат. Во завршна фаза се и одредени проекти на универзитетските институти во Скопје. Исто така, во рамките на капиталните расходи се издвојуваат средства и за другите универзитети, меѓу кои и за Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.Инаку, според  податоците од Министерството за образование и наука, за 2026 година се предвидени 773 милиони денари за наука, односно, околу 12,6 милиони евра. За научноистражувачки проекти: 40 проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ, со поддршка од 8 милиони денари по проект. Пет проекти во соработка со бизнис секторот, вкупно 30,4 милиони денари. Осум проекти на јавните научни установи, вкупно 23,7 милиони денари. Овие одобрени проекти се од конкурсите во 2025 година, со реализација и во 2026 година. Износот од 773 милиони денари не е наменет исклучиво за научноистражувачки проекти, туку за поширока поддршка на науката.На настанот што ја истакна важноста на вложувањето во науката, поттикнувањето на младите за истражувачка работа и унапредувањето на научноистражувачката дејност се обрати и деканката на Факултетот за биотехнички науки – Битола, проф. д-р Елена Јошевска.  Од името на ФБН, таа истакна дека активностите опфатени во Отворениот ден претставуваат можност за заедничко поврзување на знаењата, искуствата и идеите, поттикнување на меѓусебната соработка и создавање нови можности за развој на науката, образованието и општеството. Притоа нагласи:-Денес  нашиот Факултет е едно место каде заеднички се собираме сите со своите знаења искуства и идеи со можност за понатамошна соработка.Поздравно обраќање на настанот имаше и заменик градоначалничката на Општина Битола, Марина Крстиќ.Тимот професори од ФБН, предводен од Гордана Димитровска во својство на главен истражувач, ги презентираа резултатите од истражувачкиот проект „Паметна платформа за следење на квалитетот и производството на функционални млечни производи (COW-TECH)“, финансиран од МОН. Во сесијата се истакнати резултатите од иновативното истражување и нивното значење за квалитетот на храната, производството и применетата научна работа. Вториот Панел со наслов:  Универзитет -бизнис лабораторија: од знаење до примена – од дијалог до конкретна соработка“, беше дизајниран за зајакнување на врските и соработката помеѓу академското знаење и практичната имплементација. Во сесијата се вклучија повеќе панелисти:  Ирена Ристевска од Кромберг и Шуберт, д-р Орде Ѓорѓиоски, од Витаминка АД Прилеп, д-р Тошо Чочороски, од ХОТАМ, Марина Крстиќ од Општина Битола и професорките од УКЛО: Мила Арапческа и Билјана Трајковска.Во програмата конципирана од КРЕДО Центарот на УКЛО, активен придонес  дадоа и Студентскиот иновативен центар и Студентскиот претприемнички центар – SEC UKLO, со што се обезбеди потребната видливост на студентските иницијативи за иновации и претприемништво од Техничкиот факултет, Факултетот за информатички и комуникациски технологии и Ветеринарниот факултет.Активностите модерирани од проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска завршија со сесија за вмрежување како добра и практична можност учесниците да разменат идеи, да воспоставуват контакти за идна соработка.  Отворен ден УКЛО и пријателите се одржа под боите на КОЛОРС и уште еднаш ќе ја одрази пошироката поврзаност меѓу образованието, науката и економијата како платформа за дијалог меѓу студентите, истражувачите, универзитетскиот кадар, претставниците на бизнис-секторот и институционалните партнери.

Линк за фотогалерија:

https://www.facebook.com/photo?fbid=1751233730048779&set=pcb.1751235343381951

More from ВестиMore posts in Вести »