Press "Enter" to skip to content

Европа поблиску преку јазиците, културата и виртуелното учење  – со УКЛО КОЛОРС

УКЛО Битола е дел од Virtual Journey Weeks – Недели на виртуелно патување на Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, иницијатива што ги поврзува студентите и академската заедница преку виртуелни можности за учење, интеркултурна размена и запознавање со европската јазична и културна разновидност. Под мотото „Обединети во различноста“, секоја држава има по еден ден со свои настани кои ќе се одвиваат во реално време. УКЛО „настапува“ на 9 ноември 2026 година и во рамките на својата дневна програма ќе претстави: работилница за Глаголица на која учесниците ќе  можат да научат да си го напишат името на  најстарата словенска азбука, потоа, претставување на Галичката свадба како важно културно случивање, работилница за малите јазици и нивната застапеност во материјалите врз кои се обучува Вештачката интелигенција, претставување на „Силјан штркот“ како македонска „Метаморфоза“ и крако запознавање со природните убавини на нашата држава. Kоориднирани од асс. д-р Елена Шалевска и со активно учество на проф. д-р Виолета Јанушева и асс. д-р Марија Стојаноска, Јазичниот центар на УКЛО КОЛОРС засилен со поддршка на проф. д-р Милена Пејчиновска – Стојчевиќ, за делот со природните убавини, носители се и реализатори на содржините што ќе ги претстави УКЛО.  Во активностите вклучени се и раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска и советникот во кабинетот на ректорот, Здравка Мирчевска, ко – раководителката на работниот пакет 11.

Виртуелното патување е можност да се надминат географските граници и да се истражува Европа од поинаква перспектива – преку јазиците, културите, искуствата и меѓусебното поврзување на универзитетите партнери во Алијансата КОЛОРС.

За УКЛО, оваа иницијатива е продолжение на заложбите за интернационализација на високото образование, развој на јазичните и интеркултурните компетенции и активно учество во создавањето европски академски простор во кој соработката и различноста се значајни вредности.

Претходното издание на Virtual Journey Week во 2024, покажа како виртуелните формати можат да отворат простор за интерактивно учење, размена на знаења и непосредно запознавање со јазиците и културите на партнерските универзитети. Посебно место во ова искуство има и претставувањето на македонскиот јазик и култура од страна на претставниците на УКЛО.

И овој пат, се очекува виртуелниот глобален кампус на COLOURS  да ја нагласи важноста на поврзувањето на студентите и вработените од различни европски универзитети, поттикнувајќи љубопитност, отвореност и учење преку споделени искуства.

Повеќе информации за Virtual Journey Weeks:
https://colours-alliance.eu/study-learn/virtual-journey-weeks