Press "Enter" to skip to content

Книгите како повод за разговор за себе, Ксенија Николова гостуваше во “Утопија“

Со разговор за книжевноста, личните избори и односот кон сопствениот живот, на 26 октомври во книжевниот клуб “Утопија“ во Битола се одржа средба со писателката Ксенија Николова. Вечерта ја модерираше Јасмина Атанасова, а во фокусот беа целокупното творештво на авторката и нејзиниот ангажман за поголема свесност за нашите постапки и нивното влијание врз нас и врз другите.Книгите на Николова отворија простор за теми што лесно ја преминуваат границата меѓу книжевниот лик и читателот. Љубовта, семејните односи, внатрешните борби и очекувањата со кои живееме беа дел од поширокиот разговор за тоа како ги разбираме сопствените искуства и колку сме подготвени искрено да ги преиспитаме. Низ разговорот со Атанасова, публиката имаше можност поблиску да го запознае авторскиот свет на Николова, во кој емоциите и сложените човечки односи заземаат централно место.Од „Емотивен манипулатор“ и „Сите мажи ја сакаат Лиа“ до „Незадоволна“, „Зад маските“ и „Секој цвет има свое време“, нејзиното творештво беше разгледано како целина поврзана со интересот за човекот, неговите противречности и потребата за промена.

-Јас секогаш ќе бидам раскажувач, вели Николова, изјава која ги опишува пристапот на авторката, која во личните искуства и во секојдневието наоѓа приказни што продолжуваат да живеат преку читателите.Средбата го опфати и нејзиниот јавен ангажман за менталното здравје и поддршката меѓу жените. Преку иницијативата Better Women Better World, Николова ги отвора овие прашања и надвор од книжевноста, поттикнувајќи споделување искуства и повнимателен однос кон себе. Гостувањето помина во топла и непосредна атмосфера, со книжевноста како заедничка почетна точка за разговор за многу лични теми.Книгите на авторката беа достапни за купување преку “Бук хаус“, а влезот беше слободен. Со оваа средба, Книжевниот клуб Утопија ја продолжи својата програма на средби меѓу авторите и читателите во Битола, давајќи им на книгите простор да станат и жив разговор.

More from КултураMore posts in Култура »