
За да продолжиме со преплетот на повеќе биографски сегменти, релевантни моментуми и други супстрати од животот и револуционерната дејност на големиот револуционер, сметам дека треба да посочам безмалку што материјали се користени, а целта ми беше да дојдам до точка на сопствена согледба, што, како и зошто се ткаело во судбоносните текови и судбина на големиот македонски ревулуционер Јане Сандански. Документарната и фото- архивистиката, од едната или другата страна на македонските и бугарските институции, обврска е на историчарите и други истражувачи, се разбира, секој со своја совест и професионален интегритет.
За мене, како фундамент за овој мој обид и биографска проѕирка, послужија неколку авторски остварувања. Најпрвин, биографската перцепција “Јане Сандански“ објавена во 1946 година од Павел Делирадев, содружник и современик на Пиринскиот цар. Исто така, во 1948 година објавена е и книгата “Биографија на Јане Сандански“ во 1948 година од Ангел Динев. За среќа, двете ги има во дигитална верзија и пристапни се за читање. “Дневникот“ на Крсте Петков Мисирков и Полемиката на Димитрија Чуповски за кои се помачив, послужија за проценка и валоризација на нападите врз Сандански. “Спомени“ е документаристички збир со Сандански и други револуционери објавен во 1995 година, во кој се изнесени лични ставови и оценки за многу настани и историски процеси.
Меѓутоа, капиталните оценки градени врз огромна фактографија и документаристика, академикот Манол Пандевски со еден лапидарен стил ги смести во две книшки. Првата, “Јане Сандански“ од 1980 година и втората “Јане Сандански и мис Стон“ објавена 1992 година. Најкапитална книга до која јас не дојдов е биографијата од 505 страни на англиската историчарка Мерсија Мекдермот под наслов “За слобода и совршенство- Животот на Јане Сандански“. Таа забраздила во бугарските архиви и имала разговори и изјави на негови современици. Во англискиот наслов, “Freedom and Perfection“ ( слобода и совршенство) може да се разбере и како идеал за усовршување на човекот и општеството, давајќи му на насловот поширока идеолошка смисла, не само како значење за лична слобода. За жал, нема македонски превод.
3. Животните почетоци и растежот на револуционерната самосвест
Само најобична и бегла перцепција на библиографскиот материјал, со насловите и пристапот кон животописот за Јане, веднаш ќе се забележи дека неговата биогрфаија е истовремено историја и предмет на различни национални толкувања. Затоа подобро и што повеќе за утврдените настани, отколку за подоцнежните интерпретации.
Јане Иванов Сандански (1872- 1915) е роден на 18 мај 1872 година во селото Влахи во пиринскиот крај и тогаш припаѓало во Османлиската империја. Со мајка Милка и татко Иван, биле скромно, честито, но сиромашко семејство. Сепак, Влахи и околните села не биле чифтунски, а селаните сами изградиле црква и училиште, заради здрава и напредна животна средина за тамошните деца. За книги и учебници, барале помош од рускиот конзул во Солун. Меѓутоа, кога избувнало Кресненско- разлошкото востание 1878- 1879 година (Кресна било нивно комшиско село), Јане имал само шест години, а татко му Иван бил храбар четник и знаменосец на една од четите. По задушувањето на востанието и турските палежи по селата, останати без дом се преселиле во Бугарија, најпрвин во Горна Џумаја (денешен Благоевград), а потоа во Дупница. Таму Сандански го поминал најголемиот дел од младоста и завршил само до втор клас прогимназија и подоцна се самообразувал. Две години го учел кондураџискиот занает, а потоа кај неговиот вујко адвокат работел како адвокатски писар.
Како стасал од млад човек до војвода? Во 1890 година, како осумнаесетгодишник, се вклучил во македонското револуционерно движење. Во 1895 и 1897 година учествувал во четнички акции, без да знае зошто и за кого се бори. Многу години подоцна, по “себеосознавањето“, ќе напише дека такво нешто никогаш повеќе не си дозволил, зашто станало јасно дека пробугарски структури младите Македонци ги фрлаат во оган со османлиските војски, се со цел, да го компромитираат султанот пред големите сили, а во интерес на тогашното Кнежевството Бугарија. Најсилното и дефинитивно влијание врз него се извршило во 1889 година кога се запознал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров и преминал во ТМОРО.
Две години подоцна како доследен “гоцевист“, во 1901 година со поддршка на Делчев почнал да дејствува како војвода во Серскиот револуционерен округ, создавајќи ја епопејата за “пиринскиот цар“. Таму станал една од најзначајните личности во организацијата, со длабоко разбирање на стратшките и тактичките финеси на војувањето, но пред се на идеолошката максима на ТМОРО според гоцевите постулати. Во оваа фаза на неговиот животен патепис, може да се детерминира идентификација со Гоцевата максима за самостојна борба на Македонците (“Македонија на Македонците“) и револуционерен потход да се спречи поделба на Македонија на соседните држави – Србија, Бугарија и Грција, за жал, нешто што и се случило на Македонија по Втората балканска војна.
4. Аферата “Мис Стон“
Оваа афера е еден од најпознатите настани во неговата биографија- грабнувањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун во 1901 година. Оваа акција, како во холивудските филмови, ја организирале Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов. Целата сага, бегство, потери, преговори, барање откуп од 25. 000 златни лири, за да се испазарат 14. 500 траела шест месеци, а добиените пари биле наменети за финансирање на револуциоонерната организација. Така, пишувајќи за овој настан во весниците на европските метрополи и особено во Америка, Сандански од локален револуцонер станал меѓународно позната личност.
Грабнувањето се случило на 3 септември 1901 година, на патот Банско – Горна Џумаја кај месноста “Потпрената скала“ во близина на денешно Градево. Мисионерската група била мала колона од тринаесеттина луѓе. Четата на Сандански со Чернопеев и Асенов, мисионерите кратко ги задржала и потоа ги пуштила, а Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Цилка биле одведени (Цилка по наредба на Јане бил задржана се со цел, мис Стоун да има друштво на жена). Четата морала постојано да се преместува низ Пирин и Малешевијата, зависно од движењето на османлиската војска. Дури во една прилика, на кратко, биле сместени во пештера, но и на други скришни места, дури и имало изградба на импровизирани колиби во непристапни терени. Еден локален траг води до Нивичини во Струмичко, а во последната фаза биле чувани во куќата на комитата Атанас Цонев- Брадата во Нивичино.
Еден од најдраматичните делови бил фактот што Катерина Цилка била бремена, факт што Јане од првин не го знаел. На 2 јануари 1902 година, во заробеништво се родила Елена. Наместо две жени, целата акција се искомплицирала и со новороденче. Според сведоштвата, ниту Стоун, ниту Цилка не биле малтретирани, а малата Елена во студени и најлоши услови била чувана, за на крај жива и здрава да биде ослободена. Целата акција траела 173 дена, а откупнината од 14. 500 лири била исплатена на 2 февруари 1902 година. Драмата завршила на 23 февруари кога на коњи качени, двете мисионерки и новороденчето, во Струмичката котлина кај Градошорци биле предадени на доверливи луѓе што ги однеле до протестантската мисија на Америкаците во Струмица. Во шестмесечната заложничка одисеја, имало и неколку судири со османлиската војска и една пресметка со врховистите, кои силно биле настроени, акцијата да заврши во нивна полза и тие да ги приграбат парите. До една лира, парите биле предадени на Организацијата од страна на американски дипломати и преговарачи и подлеку од очите на врховистите, со цел за набавка на оружје, криени кај повеќе луѓе, работа што успешно ја менаџирал Ѓорче Петров. Оружјето, подоцна се набавувало главно од тетовски пушкари, па најголемиот дел завршило во битките на Илинденското востание.

Неколку работи малку се знаат, а на кусо ќе приопштам само две. Кога дошло време Цилка да се пораѓа, според можностите, обезбедено било греење и донесена била бабица стара жена од околните села со големо искуство, така да породувањето поминало лесно. Млеко, потребно платно и други материјали за повивање и облека за породот веќе биле обезбедени, а четниците изготвиле и сандук обвиткан со крзна и јамболии, да можат на раце да ги носат мајката и новороденчето. Името по желба на мајката го добило по Мис Стоун. Ова е примерот, колку Јане одговорно и човечки се понел кон мисионерките.
Откако парите легнале во тајни ќемери кај лојални поединци на организацијата, зашто тоа било огромно количество над 110.000 тогашни американски долари или сега над еден милион долари и тоа во златници, Ѓорче сакал да искаже мало внимание кон семејството на Јане, па тој без да знае, испратил пет лири до татко му Иван оти живееле во тешка сиромаштија. Кутриот, не сакал да ги земе од страв да не разбере син му, знаејќи го колку бил строг и чесен. Исто, Ѓорче одвоил пет лири за Чернопеев, кој сакал за Велигден да си ја види фамилија, а немал банка скршена. Оваа дигресија само кажува колку честити луѓе шест месеци ја воделе заложничката акција, ризикувајќи ги животите, се со цел, за револуционерното дело да се обезбеди оружје.
Парадоксот е што Америка ја запозна Македонија преку една американска мисионерка која ја киднапирале македонски револуционери, а Мис Стоун по враќањето во Америка зборувало посложено отколку што се очекувало, неизнесувајќи можни траги кон места и луѓе што би можеле да настрадаат од Османлиите. Тие не испратиле војска, но користеле максимален дипломатски притисок главно преку дипломатот Чарлс Монро Дикинсон. Впрочем и денес, Конгресната библиотека на САД, случајот “Мис Стоун“ го издвојува како еден од најзначајните американски архивски трагови за македонското револуционерно движење и за улогата на Сандански.
И на крај, суштинско прашање- Зошто Сандански го направил тоа? Факт е дека на организацијата и биле потребни пари за четите да се вооружат (врховистите се знае од каде и како имале поткрепа), да се движат, да се прехрануваат и да се развива мрежа на јатаци. Истражувањата покажуваат дека доброволните прилози од населението не биле доволни, па киднапирањето било една од можностите. Во разговорите, Јане дури предлагал Фердинанд да биде киднапиран, но Гоце и Ѓорче се спротиставиле на тоа. Потоа се размислувало за киднапирање на Сулејман бег, но накрај се определиле за америкамската мисионерка. Ризично било и со Мис Стоун, кога Македонија веќе била предмет на европско внимание. Но ето, се најдобро се завршило за мисионерките, за Јане и неговите четници, а најмногу за организацијата која дошла до потребните средства.
(Продолжува)
Авторот е новинар во пензија со 43 – годишен новинарски стаж.
(Ставовите изнесени во колумните се личен став на авторот и не се ставови на редакцијата на “Битолануз“ и не се одраз на уредувачката политика.)






