Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во изминатиот период повторно е забележана зачестена појава на измамнички пораки преку СМС, електронска пошта и социјалните мрежи, со кои граѓаните се доведуваат во заблуда дека треба да извршат уплата за наводно направен сообраќаен прекршок регистриран од системот „Безбеден град“.
Станува збор за обиди за фишинг измами, при што преку лажни пораки и линкови се бара од граѓаните да пристапат до веб-страници и да внесат лични и банкарски податоци, со цел нивна злоупотреба.
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.






