-Шест фестивалски вечери, уметници од повеќе земји и две изложби ќе го одбележат годинашното издание на Фестивал на музика од светот, кое ќе се одржи од 25 до 30 ноември 2026 година.
Под мотото „Музички крстопат“, Битола од 25 до 30 ноември ќе биде домаќин на 18. Фестивал на музика од светот. На одржаната прес-конференција во НУ Центар за култура – Битола беше претставена годинашната програма, која ги поврзува различните музички традиции со современиот израз и носи средби со меѓународни и македонски уметници.
Директорот на НУ Центар за култура – Битола, Сашо Илоковски истакна дека фестивалот продолжува да се развива како простор за културна размена, со програма што ја потврдува моќта на музиката да поврзува луѓе, култури и генерации.
„Оваа година фестивалот го реализираме под мотото ‘Музички крстопат’, испраќајќи порака дека музиката не познава граници и разлики, туку претставува универзален јазик што ги поврзува луѓето“, посочи директорот.
Тој упати благодарност до Министерството за култура и туризам и Општина Битола за финансиската поддршка, до партнерите од приватниот сектор и до целиот тим на Центарот за култура, нагласувајќи дека заедничката работа е основа за натамошниот развој и регионалната препознатливост на фестивалот.
Програма што поврзува култури и генерации
Фестивалот ќе биде отворен на 25 ноември со концерт на Амира Медуњанин, една од најпрепознатливите интерпретаторки на балканската традиционална музика, чиј вокален израз ја освојува публиката далеку надвор од регионалните граници.
На 26 ноември ќе настапат македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски, кој живее и работи во Шпанија, и битолскиот бенд CODE 369. Вечерта ќе понуди два различни авторски пристапа, поврзани со современиот музички израз и меѓународното искуство на изведувачите.
На 27 ноември, на сцената на Народниот театар – Битола, ќе гостува Sarsale од Барселона, со програма во духот на фламенкото и шпанската музичка традиција.
На 28 ноември следува настапот на Martenitsa од Турција, група што во својот израз ги поврзува турското музичко наследство и балканските ритми.
На 29 ноември ќе настапат Битолскиот дувачки оркестар и Драган Мијалковски, во вечер посветена на безвременските мелодии и препознатливите песни што поврзуваат генерации.
Завршната вечер, на 30 ноември, ќе донесе настап на Елена Баклава, со нов музички материјал произлезен од нејзините музички истражувања во Турција, по што ќе настапи Trio Mandili од Грузија, препознатливо по автентичните вокални интерпретации и традиционалните грузиски песни.
Селекторот на фестивалот, Благојче Трајковски, истакна дека годинашната програма е резултат на внимателен избор меѓу голем број кандидати од Европа, со размислување и за идните фестивалски изданија. Според него, секој настап носи своја приказна и посебна причина да биде дел од програмата – преку промоција на нови материјали, различни музички пристапи и оддавање почит на уметници што оставиле значаен белег во македонската музика.
Тој посебно се осврна на концертот на Драган Мијалковски и Битолскиот дувачки оркестар, за кој се подготвува проширен ревиски состав со гудачки инструменти и околу 30 музичари на сцената. Аранжманите ги подготвува Дамир Имери, кој ќе настапи и како специјален гостин. Трајковски нагласи дека песните на Мијалковски, кои со децении разубавуваат многу животни моменти и поврзуваат генерации, заслужуваат вакво посебно музичко внимание и ново оркестарско доживување.
Никола Зацески нагласи дека програмата е создадена со желба да допре до различни генерации и музички вкусови. Тој го издвои присуството на докажани македонски имиња и посочи дека големиот интерес на публиката, поради кој дел од концертите се пред распродавање, е потврда за привлечноста на годинашната понуда. Воедно, го истакна задоволството што е дел од тимот и заедничката посветеност да се претстави музичката разновидност преку квалитетна фестивалска програма.
Две изложби како дополнување на музичката програма
За визуелната програма говореше Лилјана Хрисовски, која истакна дека годинашното издание ја проширува својата културна димензија со две изложби што воспоставуваат дополнителен дијалог меѓу музиката и визуелната уметност.
На 25 ноември ќе биде претставена изложбата „Бучава што создава идентитет“ на Тошо Филиповски, организирана во соработка со НУ Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани. На 28 ноември, во горното фоаје на Центарот за култура – Битола, ќе биде отворена изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на Жаклина Николовска, уметница од Скопје.
Осумнаесет изданија посветени на музичката разновидност
Осврт кон развојот на фестивалот даде Љупка Стефановска, потсетувајќи дека манифестацијата започнала во 2009 година под името „Едно фест“, а од 2010 година го носи името Фестивал на музика од светот.
Во изминатите години фестивалот изградил препознатлива програма со целовечерни концерти и настапи на бројни меѓународни уметници, меѓу кои Ричард Галијано, Наташа Атлас, Васил Хаџиманов бенд, Божо Вреќо, Јелена Томашевиќ, Биља Крстиќ, Koza Mostra, Laibach и Gamazda.
Притоа, значајно место секогаш имале македонските изведувачи, меѓу кои Каролина Гочева, Љубојна, Никола Коџобашија, Синтезис, Џамбо Агушев, Тања Царовска Баклава, која беше на првото издание и сега повторно на 18тото, и бројни други. Посебно внимание низ годините и се посветува и на битолската музичка сцена, како важен дел од идентитетот на фестивалот. Негувајќи ја етно музиката во спој со современи елементи, како и поп и рок изразот, фестивалот останува отворен за различни уметнички пристапи и културни влијанија.
Организаторите упатија благодарност и до поддржувачите “Кромберг и Шуберт“, “Ладна“, “Монтеко вино“, “Bliss mall“ и “Бимилк“, како и до сите соработници што придонесуваат за реализацијата на манифестацијата.
Од 25 до 30 ноември, 18. Фестивал на музика од светот ја поканува публиката во Битола на шест вечери исполнети со музика, културни средби и нови доживувања.
Билети во продажба на kartick.mk и на билетарницата во ЦК Битола.
Фото: Дамијана Ристевска






