Press "Enter" to skip to content

“Сини и розови нијанси на здравјето“ – настан на УКЛО Битола за превенцијата, дијагностицирањето и третманот на различни здравствени состојби

Во Студентскиот информативен центар на УКЛО се одржа интересен настан – “Сини и розови нијанси на здравјето“, со поднаслов Улогата на нутриционистите и институциите во превенцијата, нутритивната поддршка и подобрувањето на квалитетот на живот, во организација на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, во соработка со универзитетскиот КРЕДО центар.

Активноста, модерирана од доц. д-р Кристина Јанкуловска Гацоска, опфати повеќе значајни прашања поврзани со превенцијата, дијагностицирањето и третманот на различни здравствени состојби, меѓу кои: улогата на исхраната и генетските предиспозиции, современите пристапи во третманот на карциномот на дојка и молекуларно следење по терапијата, како и машкото репродуктивно здравје.Изразена е важноста на превентивните здравствени политики и институционалната поддршка. Со размената на стручни знаења, професионални искуства, добри практики и лични сведоштва, настанот придонесе за пошироко согледување на темите од медицински, професионален и општествен аспект.

Панелисти беа истакнати професионалци, експерти и алумни од УКЛО: доц. д-р Елеонора Делиниколова, претседател на здружението Нутри Про, нутриционистката, Љубица Трифунова Ѓоргиева, насловен д-р Сања Саздовска, Министерството за здравство, м-р Билјана Марковска како и Сандра Пановска Начевски, специјалист по медицинска генетика и регионален главен научен директор во компанијата „Оми Биомедикс“ и Весна Чагорска од Центарот за управување со кризи.Одржан во рамките на алијансата КОЛОРС, настанот овозможи поврзување на повеќе чинители, потврдувајќи ја важноста на интердисциплинарниот пристап и заедничкото делување, што е потенцирано и од продеканката за настава на ТТФ – Велес, проф. д-р Татјана Блажевска.

Со овие иницијативи, УКЛО и неговите единици ја потврдуваат својата посветеност кон општествената одговорност, пренесување на научните сознанија во практиката, развивање поголема информираност и активното учество во градење поздрава заедница.