Press "Enter" to skip to content

“21 ден во Кина“ – 21 лекција за иднината на бизнисот: брзината е конкурентска предност (5)

-Колку време и е потребно на една компанија да претвори добра идеја во конкретен резултат?

-Во современиот бизнис, брзината на одлучување, тестирање и приспособување сè повеќе станува извор на конкурентска предност.

-Но, брзината не значи импровизација.

Во петтото продолжение од серијалот „21 ден во Кина“, Битола Њуз ја пренесува лекцијата на Марјан Вучковиќ од Битола посветена на брзината како дел од кинескиот пристап кон деловниот развој. Неговите согледувања покажуваат како долгорочното планирање може да се комбинира со динамична реализација, континуирано тестирање и подобрување на процесите.

Во продолжение ја пренесуваме целосната оригинална лекција од книгата „21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“.

БРЗИНАТА Е КОНКУРЕНТСКА ПРЕДНОСТ

Брзината во Кина ме фасцинираше да бидам искрен. Брзи возови со повеќе од 300 км на час, широки автопати и булевари за брз проток на сообраќај, брза 5Г интернет мрежа, но и
брз начин на донесување одлуки.

Додека во многу компании една идеја поминува низ десетици состаноци, комисии и одобрувања пред да стане реалност, кинескиот пристап што го видов беше поинаков. Имаат разработено систем каде идеите се тестираат брзо во пракса: доколку дадат резултат, веднаш се прошируваат, а доколку не — без одложување се менуваат со подобро решение.

Во Кина, наместо аналитичка парализа, приоритет има брзото учење преку конкретна примена. И не се срамат од тоа дека системите не се совршени, но напротив секојдневно работат на нивна надградба.

Сепак, треба да напоменам дека брзото донесување одлуки не значи отсуство на планирање. Напротив — стратегијата е долгорочна, но изведбата е исклучително динамична. Токму таа комбинација создава чувство на постојан замав и движење напред.Брзината бара систем, а не импровизација.

Како што често брзината се поистоветува со ризик и површност, така сосем спротивно на терен, зад секоја брза оперативна одлука беа испреплетени структурирани податоци, прецизни процеси и култура на континуирано учење.

Таму не се чека идеален момент ниту совршено решение. Се креира функционален модел, кој потоа се тестира, се мери и постепено се унапредува.

Што значи ова за нашиот бизнис контекст?

Во домашната бизнис пракса промените често се одложуваат поради желбата сè да биде совршено уште од првиот ден. Сепак, пазарот не ги наградува оние што чекаат идеален
план, туку оние што најбрзо се прилагодуваат.

Во дигиталната економија, времето е критичен ресурс. Секоја одложена одлука е отворен простор што конкуренцијата веќе го искористила. Во дигиталната економија големината не е гаранција за успех. Победува онаа организација што најбрзо ги чита сигналите, се прилагодува и дејствува.

За серијалот „21 ден во Кина“

“Битола Њуз“ објавува серијал од 21 целосна лекција од книгата „21 ден во Кина: 21 лекција за AI, дигиталната економија и иднината на бизнисот“ на Марјан Вучковиќ, создадена по
неговото учество на меѓународна студиска програма во Кина во 2026 година.

Серијалот ги опфаќа вештачката интелигенција, дигиталната економија, иновациите,
организациските процеси и иднината на бизнисот.

Прочитајте ја и преземете ја целосната книга бесплатно, на македонски и англиски
јазик:

https://mvmomentumadvisory.com/21-days-in-china

Следната лекција: „Силата на поврзаниот екосистем“.