Научниот институт за тутун – Прилеп, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во коорганизација со КРЕДО центарот при УКЛО, ги презентираше резултатите од научноистражувачкиот проект „Информативен систем за агрохемиски својства и загаденост на земјоделските почви“, финансиран од Министерството за образование и наука.
Пред присутните се обратија директорката на Научниот институт за тутун – Прилеп, проф. д-р Валентина Пеливаноска, проректорката на УКЛО, проф. д-р Светлана Николоска, претставничката на МОН, Светлана Пинева, проф. д-р Мила Арапческа, претседател на Одборот за евалуација на високото образование, како и проф. д-р Трајче Стафилов, почесен член на МАНУ.
Централниот дел од настанот беше посветен на презентацијата на резултатите од проектот, со кој се воспоставува информативен систем за систематизирање, обработка и визуелизација на податоците за агрохемиските својства и загаденоста на земјоделските почви.
За научната основа, целите, иновативноста и реализираните активности говореше раководителката на проектот и главен истражувач, проф. д-р Билјана Јорданоска Шишкоска.
Резултатите од анализите на земјоделските почви и сознанијата во однос на нивната загаденост ги презентираше д-р Бојана Димовска Гоновска, додека проф. д-р Иван Минчев ги објасни можностите на GIS-технологиите за просторна обработка, научна интерпретација и претставување на податоците преку тематски карти.
Посебно внимание беше посветено на Web GIS платформата и изработениот Атлас, како значајни резултати на проектот. Овие алатки овозможуваат податоците за почвените ресурси да се претстават на визуелен, систематизиран и поедноставно достапен начин, создавајќи основа за нивно пошироко користење во научноистражувачката работа, земјоделската практика и креирањето политики за заштита на животната средина.
Во проектните активности беа вклучени и младите истражувачи и соработници, м-р Катерина Драгарска и м-р Стефан Тошески, кои ја споделија својата перспектива за значењето на учеството во научноистражувачки проект и можностите за професионално и научно усовршување.
За пошироките придобивки од проектот, неговата одржливост и можностите за понатамошна надградба и соработка со релевантни институции и субјекти говореше проф. д-р Валентина Пеливаноска.
Потенцирано е дека систематизирањето на податоците за почвените ресурси не е само научноистражувачко прашање, туку и важна општествена одговорност. Навремените и релевантни информации за состојбата на земјоделските почви се значајна основа за донесување соодветни одлуки, унапредување на земјоделското производство и зачувување на животната средина.
Со реализацијата на овој проект, Научниот институт за тутун – Прилеп и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја потврдуваат својата посветеност на развојот на применливи научни решенија, унапредување на истражувачката инфраструктура и создавање знаење во функција на одржливо управување со природните ресурси.

Презентирани резултатите од научноистражувачкиот проект за агрохемиските својства и загаденоста на земјоделските почви (фото)
More from ВестиMore posts in Вести »
- Во Битола облачно со повремени врнежи од дожд, температурата до 10 степени
- “КОД 369“ и Јован Милошевски на вториот ден на 18. Фестивал на музика на светот во Битола (фотогалерија)
- Битолски матуранти на кариерно советување во “КС Групација“
- Хуманоста не познава граници: вредна донација на компјутери за ДУД „Мирка Гинова“ – Битола од “DMK LIMITED“ од Чикаго, САД
- Билетите за напреварот против Охрид се во продажба





