Press "Enter" to skip to content

Фудбалерите на Пелистер влегуваат во завршницата од сезоната

Екипата на Пелистер в сабота ќе го одигра натпреварот од Втората фудбалска лига – запад, каде во Битола, под Тумбекафе, ја пречекува екипата на Струга Трим Љум. Но, пред да искоментира за саботниот натпревар, го замоливме тренерот на Пелистер, Дарко Крстески, да даде оценка на она што се случуваше во досегашните натпревари на Пелистер од пролетниот дел.

-Кога го презедов тимот, изминатата календарска година, во тешки услови за клубот, реков дека оваа екипа од коло во коло, од натпревар во натпревар ќе биде подобра, а токму тоа и се случува. Во пролетниот дел се надигруваме со сите екипи и можам да кажам дека никој не не надигра, туку обратно ние сме ги надиграле. Благодарение на Управата во преодниот рок добивме квалитетни засилувања, со кои сме добар тим, а секако дека може и да имаме и нови квалитетни имиња. Играчите добија одговорност и таа ја возвратија на терен, со што покажаа квалитет. Секако дека имавме на почетокот и некои надоразбирања, но како и во секој тим, на стартот се е надминато. Сега секој фудбалер, кој и да го прашате, и на полноќ, се ја знае задачата на терен, а сето тоа на тренинг е одработено, вели тренерот Дарко Крстески.

За тоа како Пелистер се носеше со останатите клубови, Крстески вели:

-И публиката во Битола, која е секогаш со нас, знае дека Пелистер има игра и дека игра фудбал. Имавме и на некои натпревари и некогаш и по 2-3 фудбалери кои не одиграа добро на стартот, не им бил денот, но веднаш е реагирано и направени се измени. Но, сега сите екипи во пролетниот дел кои доаѓаа во Битола игра непопуларна игра, се бранеа и не дозволуваа ние да играме. Но, тоа е така и нема бегање, туку треба да се парира на таа игра и да се победи, и додава:

-Можеби в сабота ќе биде денот кога екипата на Струга Трим Љум нема да се брани во Битола и ќе се надигруваме. Го имаме пред себе лидерот на табелата под Тумбекафе, и шансата на фудбалерите, а и наша, моја, на помошникот и другите да се покажеме. Нема да се предадеме, имаме мотив и прилика за позитивен резултат.

Екипата на Пелистер, го брка второто место, а за шансите за да се биде втор и да се игра бараж, Крстески вели:

-Уште на стартот кога го презедов клубот и на стартот на пролетниот дел реков дека целта е да се стабилизира клубот и да се направен тим кој ќе биде предизвик за сите, а ако се укаже шанса, зошто да не и Прва лига. Ние првата цел ја постигнавме, а шансите се уште постојат, а ако ни се укажат нема да ги пропуштиме.

С.Р.