Press "Enter" to skip to content

Натпреварот “Детски семафор“ по 50. пат во Битола

Во амфитеатарот на Техничкиот факултет во Битола, свечено беше отворено 50-тото издание на натпреварот „Детски семафор“.

Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата е организатор на овој натпревар, во кој учествуваат ученици од 16 основни училишта од Пелагонискиот регион. Општина Битола и годинава традиционално го поддржува организирањето на „Детски семафор“.

-Општина Битола секогаш ќе ги поддржува ваквите активности, во кои се препознаваат идеите, децата од најмала возраст да ја градат сообраќајната култура, исклучително значајна, затоа што таа е клучна за безбедносниот момент на нашите граѓани, а воедно и на децата. Во оваа прилика се радувам што имаме толкав број на учесници кои што потврдуваат дека ваквата традиција не е случајна, рече градоначалничката Наташа Петровска, која го прогласи за отворен натпреварувачкиот дел од оваа масовна манифестација.

Натпреварот годинава е поддржан и од Авто мото друштвото „Ѓорѓи Наумов“, Здружението на возачи „Еуротест“, Народна техника, СВР Битола, Технички факултет и јавните претпријатија „Комуналец“ и „Нискоградба“.