Press "Enter" to skip to content

Веќе од утре седниците на Советот на Општина Битола на веб-портал и “YouTube“

Со избор на членови на Управниот и и Надзорниот одбор на утрешната седница почнува поцесот на формирање на новото јавно претпријатие за паркинзи кое треба до крајот на месецот да се запише во Централниот регистер, рече Валентин Груевски на денешниот прес.

Седниците на Советот на Општина Битола ќе се снимаат во целост и ќе бидат поставувани на официјалниот веб-портал на Општината како и на YouTube, изјави претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.

На прес-конференција во Битола, Груевски најави дека снимањето на седниците ќе почне веднаш, односно на седницата што е закажана за утре во тамошната локална самоуправа.

-Советот на Општина Битола утре има редовна седница, а на дневен ред се завршните сметки за финансиското работење и извештаите за работата на локалните јавни претпријатија. Целата седница ќе биде снимена и поставена на веб-порталот на општината за да цела јавност се информира што дискутираат и како советниците одлучуваат. Јавноста треба да знае кој се бори за интересите на граѓаните, а кој само декларативно се залага пласирајќи информации на социјалните мрежи, истакна првиот човек на Битолскиот општински Совет, Валентин Груевски.

Претседателот на Советот на Општината најави дека за кусо време со обезбедување на неопходна техничка поддршка, седниците на битолските советници ќе бидат пренесувани во живо и поставувани на “YouTube“.

-По завршувањето на претседателските избори сега можеме да донесуваме и други одлуки од надлежност на локалната самоуправа како што е корегирање на вредноста на бодот и повисоки плати за дел од вработените во детските градинки во Битола, како и одлуката за избор на управен и надзорен одбор на ЈП за паркинзи, со што ќе се создадат услови за впишување на претпријатието во Централен регистер и избор на директор, посочи Груевски.