Во подножјето на Баба палнина, на дофат од Битола, односно на помалку од десетина километри недопрена природа и убавина се наоѓа планинското селото Дихово. Кога ќе се искачиш на селото ти се причинува како да можеш да ја дофатиш планината која целата во зеленило е цело време пред нас.
Зелено море така може да се нарече овој дел пред нас. Во мноштвото бои доминира зелената во сите нејзини преубави нијанси.
Заради својата местоположба и преубава природа во селото повеќе вили за селски туризам. Меѓу другите убави куќи се истакнуваат само по насловите вила “Патриција“, “Дихово“, “Илинден 1903“, а од една од нив забележуваме дека група туристи од Хрватска заминуваат од овој зелен рај.
Сместено е на меѓата на градот и планината, меѓу урбаното и природата, меѓу Битола и Пелистер, низ селото и многу има приватни вили чии домаќини ги уредиле во планински стил, препознатлив за села на висина.
Се упатуваме по патот над селото каде се наоѓаат познатите Диовски капејнци, кои како излетничко место беа многу попоуларни пред години. Одреден период во 60 години се доаѓало како плажа во летните жештини каде битолчани се разладувале бидејќи температурате е за неколку степени пониска, а водата многу ладна.
Во тој период имало многу скокачи од високата карпа кога ги воодушевувале присутните со свои скокови, особено женскиот дел. Потоа и во 70 и 80 години многу битолчани одеа на излет особено за првомајските празници, но и во летниот период каде водата била вистински за разладување.
Капејнците над селото Дихово изгледаат како слика од приказните. Ми доаѓаат асоцијации на магични ликови наоколу и цел предел добива магичен бајковит изглед. Тишина низ која се слуша само жуборот на водата.
Неколку момчиња заминуваа, кажувајќи дека водата во големиот вир каде се скока е многу ладна расположени и освежени од скокањето во водата. Им завидуваме…
Инаку, Капејнци е мал водопад на реката Драгор која тече од планината Пелистер. Со тек на времето природата оформила повеќе длабоки корита низ камењата, а во овој период кога нема многу вода низ Драгор, камената патека е популарна за гостите од страна, но не и за битолчани.
До пред околу 10 години во базнот над селото Дихово имаше вода и многу пливачи одеа таму се разбира во пеколно лето бидејќи водата во базенот преладна. Сега нема вода и изгледа напуштено, жално, разрушено…
Си заминуваме пред да падне мрак, се наоколу е мирно и тивко, те повикува да останеш тука пред Пелистер, од каде може да се продолжи за Нижеполе, Јоргов Камен, Црвени Стени…
На пат назад различни мисли за оваа убавина која изгледа недоппрена, но и напуштена и запоставена.
Си поставуваме прашања како може да се врати стариот сјај на ова преубаво место каде може да избегате од летните горештини, буката и загаденоста на градот за само 15-тина минути возење со автомобил, а до таму лесно се стигнува и со велосипед.
Ж. Ристевска






