Press "Enter" to skip to content

Вечерва започнува 40. издание на фестивалот на филмска камера “Браќа Манаки“

Вечерва во Битола почнува 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, а наградените, гостите, спонзорите… откако ќе поминат по црвениот тепих, во големата сала на Центарот за култура најпрво ќе го видат перформанс во реќија на Срѓан Јанаќијевиќ.

Потоа ќе биде доделена наградата “Златна Камера 300“ за животно дело на светски познатиот американски кинематограф Едвард Лакман.

На годинашниот добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов, наградата ќе му ја врачи Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Покрај овој лауреар денес во Битола пристигнуваат, а битолчани ќе ги видат на отворањето на “Браќа Манаки“ фестивалските филмски ѕвезди како што е Хозе Луис Алкаине, кинематографер на филмот „Болка и слава“ од Педро Алмодовар, ирскиот режисер и филмски драматург Џим Шеридан, режисерот Фатих Акин, филмаџии од државата и странство, филмофили и студенти од академии за филм и филмска уметност во Европа.

Честа да ја има првата фестивалска проекција на јубилејното 40. издание на Фестивалот,  на големото платно во Центарот за култура ќе ја има филмот “Болка и слава“, а поради големиот интерес ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар. 

Филмовите во конкуренција ќе ги оценува меѓународно жири предводено од Лакман, а ќе му помагаат и Ненад Дукиќ, Доминик Велински, Калојан Божилов и Фејми Даут.

Интернационалниот фестивал на филмската камера во Битола е најстар фестивал во светот посветен на филмските кинематографери кој прв пат се одржа во 1979 година во чест на браќата Јанаки и Милтон Манаки. Од 1991 година фестивалот има натпреварувачки карактер.

More from КултураMore posts in Култура »