Советникот од независната советничка листа на “Поинаку“, Габриела Илиевска, денес одржа прес конференција на која се осврна за работењето на новиот Совет на општина Битола во изминатите 100 дена од неговото конституирање.
Илиевска на прес-конференција рече:
-Почитувани Битолчани, Изминаа 100 дена од конституирањето на новиот состав на Советот на Општина Битола. Како советници од независната граѓанска листа „ПОИНАКУ“ избрани на последните локални избори, сметаме дека на граѓаните на нашата Општина треба во кратки црти да им презентираме дел од она што сме го сработиле на седниците на општинскиот Совет во изминатиот период. Она што како советници го побаравме од владејачкото мнозинство беше:
– Формирање комисија за ревизија на работата на екс градоначалникот Владимир Талески,
– Одделување дополнителни средства за развој на туризмот и формирање на комисија со подготвена стратегија за работа
– Информација за состојбата со амбиенталниот воздух во Битола Формирање на посебен еколошки фонд
– Предложивме отпочнување процедура за донесување предлог закон за заштита од загадувањето на животната средина предизвикано од РЕК “Битола“,
– Изработивме проект за згрижување на бездомните животни на територијата на општина Битола Она што граѓаните на Битола треба да го знаат, е дека сите наши предлози и барања, без образложение, беа ОДБИЕНИ!
Истовремено, сакаме да потенцираме дека без разлика на игнорирањето и неприфаќањето на идеите и предлозите на советниците на „Поинаку“, кои се произлезени од континуираната комуникација со нашите сограѓани, ние и понатаму ќе бидеме конструктивни и ќе продолжиме со предлагање решенија за проблемите на битолчани. За крај, сакаме да ве потсетиме дека измина законскиот рок од 60 дена, а Битола сѐ уште нема добиено заменик градоначалник, иако е тоа законска обврска на градоначалничката на Општина Битола.






