За денешниот голем верски празник посветен на Св. Атанасиј, можеби повеќе од илјада битолчани и верници го посетија истоимениот манастирот кој се наоѓа на неколку километри од Битола, над населбата Стрчин, кај иселеното село Смолево.
Убавиот сончев ден како да беше создаден за пешачење до манастирот така да, најголемиот дел од денешните посетители се упатија таму по убавото време, кое како да навестува дека на зимата и доаѓа крајот.Овој празник Св. Атанасиј го означува тоа, како последен празник од зимските слави, а кума на денешниот празник беше Весна Кузмановска, која порача:
-Јас сум за прв пат кума во овој манастир над Битола, и посакувам Светецот на сите кои се тука и на сите битолчани да им донесе здравје и среќа, брзајќи сите да ги послужи во убаво подготвена пченица, пеано лепче и посна храна, алва, маслинка, лепче, сокче… која сама претходно ја имаше спакована.
По патот се движеа и автомобили и теренски возила. Сите одеа кон манастирот кој е сместен пред да се навлезе во шумата. Околу манастирот имаше многу луѓе кои го славеа празникот со убави јадења и мезе.
-Тука сум неколку пати во неделата, а не пропуштам да сум тука на празникот, славата на манастирот, Свети Атанасиј. Денес е посебен ден, со убаво време, а мислам дека има рекорден број на посетители, кои доаѓаат од раните утрински часови, а ќе продолжат да доаѓаат во текот на целиот ден, ни рече Грозде Костова.
Една група верници, кои беа седнати на клупите во дворот на манастирот, беа расположени за разговор, а Свето Анастасовски ни кажа:
-Скоро секој ден доаѓаме до манастирот со пешачење. Какви и да се временските прилики, иако оваа зима беше многу топла. Тука си доаѓаме на кафе-муабет и да запалиме свеќи за наше и здравје на сите битолчани. Тоа ни е веќе во навика било да е зима или лето. Денес на половина од зимата, како што ни кажува овој голем празник, доаѓаат и многу други луѓе за да го прослават празникот. Денес денот е преубав и има многу луѓе, но имало години кога имало снег и мраз, но сепак сме доаѓале.
Додека си прикажуваме со Светката, како го препознаваат битолчани, доаѓаат уште луѓе, расположени, насмеани, се упатуваа во црквата каде запалуваа свеќа и се помолуваа на Светецот, а атмосферата вистински празнична.
Дел од посетителите го искористија убавото време да се искачат и нагоре кон Баба планина, и да прошетаат како ни рекоа “по каналот“, а голем број уживаа седнати во помали друштва и уживаа во последниот јануарски ден, на средината на зимата, ден кога и завршуваат зимските празници, а сите се подготвуваат за пролетта која е на прагот.
Сите како да се веселат дека на зимата и доаѓа крајот и во денешното сонце препознаваат дека пролетта е близу. Можеби заради тоа и оптимизмот како да се чувствува насекаде околу нас.
Ж. Ристевска






