Денес, во Петтата Недела од Великиот Пост (Недела на Света Марија Египетска), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Митрополит Преспанско-пелагониски, г. Петар на службата говорејќи за Света Марија Египетска пред верниците рече и им порача:
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! „Сè можам во Исуса Христа, Кој ме крепи и ми дава сила“.
Браќа и сестри, се наоѓаме во Петтата недела од Велигденскиот пост. Нашата Света Црква во секоја од овие недели, како образец ни дава по некој од светите и (од) страдањата на Спасителот наш Господа Исуса Христа, со цел да ги имаме пред себе како пример, за тоа како треба да живееме и да се бориме со искушенијата кои ни доаѓаат од сатаната, кој делува преку овој свет, но и преку луѓето, кои дозволуваат да бидат негови слуги.
Па така денеска, во оваа Петта недела, како образец ни е поставена Светата Марија Египетска, која кога била на дванаесет години, го напуштила семејството и живееле недостоен и неморален живот. Таа многу луѓе со својот неморал, навела на нечесен живот. Во седумнаесеттата година, била позната како најголема блудница во Александрија, а била родена во Египет. Секој знаел која е Марија блудницата.
Ете, оваа блудница Марија Египетска, еден ден, кога видела еден брод во Александрија дека ќе оди на поклонение на гробот Христов, и таа влегла во тој брод, со намера пред сè да ги развесели патниците со нејзиното блудно однесување во бродот. Кога стигнала в Ерусалим, таа посакала да влезе во храмот на Спасителот наш Господа Исуса Христа на Голгота, каде што е и Воскресението Христово. Сите влегувале во храмот, но неа некоја чудна невидлива сила ја сопрела да го пречекори прагот и да влезе во црквата. Света Марија се изненадила дека е немоќна да влезе во храмот, па наеднаш почнала да размислува за себе, за своите гревови, за својот живот и за своето однесување.
Оваа најпозната блудница во Александрија, се сетила за сите свои гревови што ги направила, па така, се потпрела на ѕидот и плачела, како што и Свети апостол Петар плачел за тоа што се одрекол од Христа, и го молела Бога да и ги прости сите нејзини гревови. Света Марија ја молела Мајката Божја, Пресвета Богоридица, ветувајќи и дека ќе се откаже од нејзиниот дотогашен неморален живот и дека цел живот понатаму, ќе Му служи на Бога, само Господ да и ги прости гревовите и да и дозволи да влезе во храмот Божји, да го целива Крстот Христов и Светите икони.
По нејзиното длабоко покајание, кое извирало од длабочината на нејзината душа и срце, Господ длабоко погледнал во нејзиното срце. Видел Спасителот дека нејзиното покајание е вистинско, а не лажно и површно, и ѝ дозволил да влезе во храмот.
Света Марија го целивала Крстот Христов и иконата на Мајката Божја, а потоа слушнала глас, кој и рекол да оди од другата страна на реката Јордан, во пустината. Купила три леба, со парите кои и ги дал некој човек, а потоа се причестила во мастирската црква на Свети Јован Претеча, се избањала во реката Јордан, што значело, очистување од гревовите што и ги простил Господ, затоа што одлучила да живее нов живот; вистински живот според Христа нашиот Бог и Спасител и отишла во Јорданската пустина.
Таму живеела четириесет и седум години и ништо не видела од овој свет, ниту човек, ниту маж, ниту жена. Алиштата што ги имала се искинале, а на најзиното тело останала само нејзината кожа, која всушност била некако прилепена врз нејзините коски. Тоа бил жив скелет, браќа и сестри, па така, оваа некогашна блудница, а сега покајница и Света жена, своето тело го подготвила и го направила вистински храм на Светиот Дух. На тој начин, оваа Света жена, која во црквите се слика некаде на влезот од влезните врати од црквата, секогаш можеме да видиме дека е како вистински скелет, односно дека нејзиното тело е исушено и од него ништо нема. Но нејзиниот дух, бил толку силен, што кога еден светител и подвижник по име Зосим, кој таму некаде далеку од светот и тој се подвизувал, забележал дека во пустината како да има некоја силуета, односно како да поминало некое суштество. Наеднаш од љубопитство почнал да трча за да види кое е тоа суштество, но никако не можел да го стигне. Кој знае колку часови се случувало тоа трчање, додека најпосле Света Марија не му се обратила по име со зборовите: „Оче Зосиме, не доаѓај наваму, зашто јас сум жена необлечена. Фрли ја твојата наметка, за да се облечам“.
Тој и ја оставил наметката и се вратил назад. Откако таа се покрила со неговата горна облека, (мантијата), пристапила и му го раскажала сиот свој претходен живот, а и тој што го живеела во пустината.
Светиот Зосим, тогаш почнал да се поклонува пред неа, а таа му рекла: „Не се поклонувај, ти си свештеник, ти ги држиш во своите раце Светите Тајни, Телото и Крвта Христови и не треба ти пред мене да се поклонуваш, туку јас пред тебе, за даровите што ти ги принесуваш пред Бога. Не заборавај, идната година, во истото ова време, (а тоа било први април по стар стил), да дојдеш тука и да ми ги донесеш даровите Христови, Причесната, за да се причестам“.
Светиот Зосим го направил тоа и откако ја причестил, таа му рекла да дојде и идната година, за да се види со него и си заминала. Кога тој дошол идната година да ја побара, ја нашол мртва, а на земјата од неа било напишано, „ова тело оче свети, погреби го тука“, и Свети Зосим го погребал телото нејзино. Ова се случило истиот ден по нејзиното причестување.
Браќа и сестри, еве за каква светителка станува збор. Станува збор за вистински покајник на Црквата Христова, што нашата Света Црква, ни го дава како пример и образец, како треба и ние денеска да се однесуваме и да живееме.
Кога веќе зборуваме за покајанието, ние треба да го знаеме следново, односно за да се покаеме, ние треба да ги признаеме нашите гревови и да донесеме одлука, како што донела и Света Марија Египетска, односно од денеска па понатаму, дека нема повеќе да грешиме. Но ние такви одлуки не донесуваме. Ние се нарекуваме христијани само по име, но не и по живот и по дела.






