На 25. април 1960 година во Битола е формирано најстарото македонско научно друштво кое основачите го именуваа како Друштво за наука и уметност-ДНУ, а од пред 20 години оваа Асоцијација на интелектуалците прерасна во Македонско научно друштво, МНД-Битола.
-Имајќи ги предвид националните и локалните мерки за заштита од коронавирус, ја одложивме планираната Свечена Академија посветена на големиот јубилеј 60 години од денот на формирањето на Друштвото. Но, не забораваме на 25 април 1960 година, и затоа токму на 25 април (сабота) со почеток во 13:00 часот, членовите на Управен и Надзорен одбор, Уредувачки Совет и Етичка Комисија ќе одржат онлајн (on-line) свечена седница на која ќе потсетат на значајниот датум, најави проф. д-р Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.
Во пресрет на големиот јубилеј, МНД-Битола издаде монографија чиј автор е проф. д-р Марјан Танушевски, актуелен претседател на МНД-Битола, а рецензенти на јубилејната публикација се проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Борис Ангелков, поранешни претседатели на МНД-Битола.

За деновите кога Друштвото се формираше, единствениот жив од основачите, м-р Јован Д. Кочанковски вели:
-За формирање на научно друштво во Битола, иницијатори беа браќата Душан и Милош Константинови. Сеуште се сеќавам на тој 25 април, од таа 1960 година. Пролетен, со мирис на расцутената природа, ден достоен за дружење, за инспирација и за иницијатива. Тогаш, на 25 април 1960 година, на улицата „Булевар Први Мај“ бр.175, од левата страна на реката Драгор, каде што времено беше сместен Околискиот државен архив (денешен Ректорат), архивистот и директор Милош Константинов, ги прифати непланираните гости. Тоа беше група млади битолчани, интелектуалци, иницијатори за формирање на асоцијација за наука и уметност во Битола. Според записникот од основачкиот состанок, освен јас, во групата иницијатори беа и Олга Кривашија професор по историја, Живко Паришко шумарски инжинер, Велимир Костовски професор по географија, Александар Тодоровски професор по биологија, Милош Константинов архивист, Тодорка Дога, Кочо Цингаровски, Душан Хр.Константинов етнолог, Томе Ивановски правник, Владимир Чакар службеник и Томе Ристевски, службеник во Архивот. Сите ние, освен иницијатори, сме и основачи на ДРУШТВОТО ЗА НАУКА И УМЕТНОСТ, како што тогаш го именувавме. Во периодот од основањето до регистрацијата на 31 мај 1960 година, во друштвото се вклучија и Димитар Димитровски-Такули, наставник по македонски јазик, Владимир Ивановски, учител, Теко И. Таипи, помлад архивист и Живко Василевски, политичар кој воедно беше избран за претседател.






