Жанета Ристевска
Автомобилските трки за мене беа адреналин, возбудување, откажувања, победи, но и разочарување од околината која повеќе се радуваше на неупсесите отколку на победите…
“Некогаш и денес“ рубрика која низ сеќавања на личности опишуваат одреден период, Тоа се личности од различни области и професии кои биле активни и твореле во последните декади на минатиот век. Би сакала нивното дело, искуства и мудри мисли бидат инспирација и поттик за денешните генерации. Спознавајќи ја нивната животна приказна, на некој начин пренесуваат порака до помладите генерации да ја градат иднината врз вистински вредности, соочувајќи се со предизвиците на современото живеење. Овој пат личност во рубриката Некогаш и денес Јордан Велевски или како најголем број битолчани го познаваат како Орце со бенката. Тој е еден од спортистите кои оставиле голема трага во битолскиот спорт, посебно во автомобилизмот. Ќе ги пренесеме неговите сеќавања за автомобилозмот и трките, како и имиња на други личности кои се натпреварувале или се поврзани со автомобилизмот во последните децениии на минатиот и почетокот на овој век.

Дипломиран правник, но не работел на професијата како што ни рече “без еден ден правнички стаж“, работи долги години инструктор во авто-школата. Неговото име се поврзува и е познато како Орце инструкторот во авто школа АМД, а во тоа време сите кои се учеа да возат, сакаа токму тој да ги подучува. Како инструктор со неговото исто така познато „фиќо“ подучил над 3.000 кандидати пред да полагаат возачки испит. Автомобилски тркач кој учествувал на сите трки низ Југославија во “националната класа“ – фиќо, во сите категории, победник во ридски-брзински трки, кружни и трки во вешто возење, иноватор и конструктот на првото баги-фиќо во тогашна Југославија. Пензионер, но се уште активен, сега автомобилски судија…

Детство и образование…
-Роден сум пред 70 години кај Чифте Фурни во Битола, на самата крстосница на десетина метри во куќа со фасадни тули. Татко ми бил на кино, а кога мајками му рекла на татко ми да бара бабица, кога се вратил дима татко му веќе сум дел од овој свет. Потоа во 1955 година се преселивме во новата куќа на улица “7-ми Јули“ веднаш до Баирското училиште, како го викаа тогаш, каде го завршив основното училиште. Потоа е запишав во Долната гимназија “Браќа Миладиновци“, а потоа на Правниот факултет во Скопје во Унивезитетот “Кирил и Методиј, каде дипломиран 1976 година, со прекин во школувањето.

Работен век…
-Мое прво и последно вработување во “државна работа“ беше во АМД “Ѓорѓи наумов“ како иснтруктор, откако не успеав да најдам работа како правник, а од трудот бев распредел во Авто-школата. Направив притисок во “трудот“, а потоа по обуката во Скопје, бев првиот инструктор за авто-школа. Тоа беше во 1976 година, моето прво вработување, а за моето работење од 19 години сум обучил за возачи повеќе од 3.000 млади битолчани, кои сега не се млади, имаат свои семејства. Во меѓувреме две години бев референт за царински возила од 1981 до 1983, а потоа не му се бендисав на некој, и ме вратија во авто-школата. Потоа кога се отвори бензинската пумпа “Вингс“ бев шест месеци таму, а со сопствен бизнис, прво со рента-кар во казиното “Атлантик“ и на крај сопствен дуќан за авто-гуми.

Спортист од 13 години, прво фудбалер, по повредата “автомобилски тркач“…
-Од секогаш бев спортист. На 8 години започнав да возам трактор, на нашиот кираџија кој беше во ЗИК “Пелагонија“. Дома идеше со тракторот, уморен цел ден по сонцето заспиваше, а јас му го “крадев“ тракторот, го “палев“ со шајка и возев низ “Ушици“ и Баирот. Но, мој прв спорт беше фудбалот. Тренирав фудбал, а од 14 години почнав да играм со туѓа легитимација документи за Југ, во “потсојуз“, против Пелагонија прво полувреме во 1963 година. Потоа преминав во Пелистер, а во 1969 играв за Инкоп, 70 и 71 за Пелистер и по тешката повреда морав да прекинам со фудбал. Следуваше неуспешна операција на коленото, а од 1973 до 1977 година, се враќав во нормала, по многу болки, напорни вежби и санација на повредата. Потоа започнав со автомобизмот.

Првата трка во национална класа “фиќо“ на Водно и веднаш трето место…
-Во Битола имаше клуб кој се викаше Авто-ремонт, а го водеа Мирче како директор на “Авто-ремонт“, Коцкаро кој го оформи клубот и Драги Аштата. Јас во клубот влегов со моето фиќо кое сам си го направив. Моето фиќо, кое го имав, сам го “фризирав“ дома, во дворот, со мој пари, со мој труд, а за брзо време бев готов, за првата моја трка која беше на Водно, на 13 ноември, по повод денот на ослободувањето на Скопје. Прв пат бев на патеката, прв пат ја видов, без тренинг, со едно извртување на “вториот лакат“ и трето место за чудење на сите. Потоа истиот ден во вешто возење бев прв на “Гимканата“. Така започна мојата кариера, но и почитувањето од страна на скопската публика. Од тогаш секое мое возење, кое сум го завршил, значи качување на победникиот подиум, за прво, второ и трето место, ако сум немал дефект или излетување. Оттогаш во национална класа сум извозил можеби двеста трки во Шампионат на Југославија во ридско-брзински и кружни брзински. Сум возел на патеките во Водно, Авала, Сљеме, Цетиње, Фоча, Јахорина, Игман – ридско брзински и Краљево, Крагуевац, Ушче, Нови Сад, Славонска Пожега. Во Македонија, покрај Водно, возевме кај Крушево, Галичица, Пониква, Пробиштип и Македонски брод.

Успеси, награди, трофеи…
Во Шампионат на Југославија во национална класа со фиќо, секогаш бев во првите десет. Да појаснам, зошто е ова голем успех. Зе секоја трка се пријавуваа по повеќе од стотина возачи во огромна конкуренција, мораше да се поминат две елиминации да се дојде во дваесет возачи. Тука беа големите клубови на фабриките кои произбедуваат возила, бензин, масла, делови, Застава 0д Крагуевац, Партизан од Београд, Звезда од Београд, Нафтагас – Нови Сад, Модрича од Сплит, Олимпија од Словенија… Во таа конкуренција со силни возила, механичари, делови, јас кој едвај стигнував до таму, сам возач сам механичар, со половни гуми, како Дон Кихот. Да бидам рамо до рамо со нив за мене беше голем успех. Но, само за мене, не за градот, не за Битола. Немав помош од никој, освен, морам да го споменам, Симончо, кој секогаш ми помагаше со превозот, кој беше спонзориран од “Водостопанство“. Тој така го правење распоредот на камионите, според календарот на трките, а тоа не беше дополнителен трошок за нив, туку само совпаѓање на термините, се возев со нив, со нивните камиони. Симончо не беше љубител на овој спорт, но многу ме почитување. Потоа дојде новото време на “југо“, во кое јас морав да продолжам. Повторно ново дотерување на југото, целосно сам, а купив половно возило. Прва трка со “југо“ во Крушево, каде ми ја украдоа победата, како многу пати пред тоа. На тренинг прв, со никакво возило, пред Виктор и Ранко од клубот Херц. Вечерта се вратив во Битола, немав пари за спиење, потоа утрото кога се вратив во Крушево, за да победи Ранко, не дисквалификуваа. Протестирав на стартот со “југото“, но ми викнаа специјалци ме отстранија, трката се одржа и Ранко беше прв, ги оправда парите за возилото кој ги вложи “Херц“. Кој е спортист знае каква е спортската неправда, сум ги имал кој знае колку, ќе треба една книга за неправдите и разочарувањата, ми се украдени сигурно 50 први места во кариерата низ сите патеки, бидејќи кај сила нема правина.

За АМД Битола…
Со неколку ентузијасти го направивме авто-мото клубот АМД Битола во кој како секција ни беа и мото-кросистите. Го презедовме клубот од Драги Аштата на состанокот во СОФКА, по вонредната седница, по барање на автомобилистите и мото-кросистите. Ја започнавме мото-крос трката кај Братиндол со голем аеро-митинг, а за што добивме и признание за организација. Клубот организираше трки на патеката кај Галичица, со помош на “Вингс“, господинот Јанаки Папакоч, кој ми беше две години спонзор. Потоа возевме под покровителство на Келеман, казиното “Атлантик“. По некое време започна пропаѓањето на спортот, не само нашиот, автомобилизам и клубот е во мирување, кој знае до кога, а мене посебно ме израдува што нашиот последен претседател на клубот, Сашо Ристевски се уште ги чува печатите, иако има поминато моќебо 20 години.

Без официјален крај на кариерата…
Се уште немам учествувано на трка која ќе значи крај на кариерата. Сакам тоа да биде и на таа трка да го соборам уште еднаш сопствениот рекорд. Без разлика дали ќе имам моја тркачка кола или ќе земам “рента кар“. Откако имам десетина години пауза еднаш имав трка на Крушево, со моето возило, а сакав пехарот да го оставам во спомен куќата на Тоше Проевски, како знак на почит кон Тоше, кој беше секогаш со нас на патеката кај Крушево. Не успеав, пак по “превара“ на скопјани. Но, се надевам дека и тоа ќе се случи еден ден. Сакам да возам на трка како, Петар Македонски, а под тој псевдоним возев на последните мои трки.

Прво “баги фиќо, можеби во светот сега паркирано меѓу светски марки автомобили некаде низ светот…
-Еден ден седев пред првото фиќо кое го имав и замислив како би било тоа да е кабриолет. Станав и со креда ги одбележав линиите, односно замислата ја прецртав на колата, го направив дизајнот. По некое време започна реализацијата на идејата. Секако дека имав помош во занаетчиските работо, заварување, лимарија, фарбање, тапацирање. Но, најмногу сам, лиев пластика, преправав седишта од автобус и кој знае што не. Тоа беше прво фиќо, уникат во светот, а заврши го Германија, наш човек го купи за подарок за сопругата. До мене дојде вест дека моето баги се паркира во Минхен, со најубавите кабриолети во Германија, што за мене е голема чест и ми е задоволство.

За автомобилизмот и трките…
-Сега која правам некои сеќавања за автомобилизмот би го сведол на неколку збора, ако е тоа можно, возбудување, адреналин, многу откажувања и разочарување. Сите автомобилисти имаа почитување, освен јас во Битола, како едвај да чекаа да не ја завршам трката, чест на малкумината кои беа со мене цело време и се и сега. Не се ценеше квалитетот, впрочем како што и е денес. Кога ќе анализирам трезвено, без емоции, ако ова што го вложив во спортот, часови, денови, месеци, години, децении, цел да го вложев во нешто што ќе значи пари, ќе бев милионер.

Пензионерки денови…
Сега сум пензионер, се врткам во дворот и дуќанот, чекам да дојде некој, да се напиеме чај, каде, да си направиме муабет. Сега нема автомобилисти го нема овој спорт кај нас, што ми е криво дека освен во Скопје, каде десетина луѓе си имаат монопол. Сега сум авто судија и кога ќе има трка со задоволство одам, да се потсетиме на некое време. Сакам да се вратам на трката, барем уште еднаш за да станам гинисов рекордер, како најстар автомобилски возач со пласман меѓу првите тројца.
Со неговато искуство, желба за возбуда, адреналин, љубов кон автомобилозмот сигурно, но и заслужено би влегол во Гинис. Нека овој напис му даде поттик за нови успеси во својата животна трка.






