-Верниците се помолија на праникот Успение на Пресвета Богородица за здравје во храмот “Рожденство на Пресвета Богородица“ во Битола.
Во храмот “Рожденство на Пресвета Богородица“, во Битола, синоќа и денес многу верници се помолија и запалија свеќа, во чест на Пресвета Богородица, светица на која е посветена црквата.
Празникот Успение на Пресвета Богородица, празник на мајката на животот, се слави на 28 август секоја година.
Верниците тивко и достоинствено чекаа во ред да влезат во црквата да се помолат за здравје, да ја целиваат на иконата на Пресвета Богородица, која по многу години повторно е вратена во црквата во Битола, откако беше украдена пред многу години.
Црквата “Рожденство на Пресвета Богородица“ во Битола, која се наоѓа од левата страна на реката Драгор, “Кај рибарниците“ е изградена во 1870 година, а осветена во 1876 година.
Изградена е со помош и придонеси од занаетчиите, чија што желба била покрај црквата “Св. Димитрија“ и “Св. Недела“ која била тогаш надвор од градот, да постои црква во центарот на Битола, во која би се служело на јазик разбирлив за локалното население.
Бидејќи имало обиди да се спречи изградбата, црквата на почетокот се градела како резиденцијален објект, а подоцна е доизградена и го добила денешниот облик.
Иконостасот е дело на мијачките мајстори, кој е составен од два други иконостаси, од црквите во селата Трново и Магарево.
Денес цркавата е убаво уредена, дворот целосно е поплочен со гранитни плочки, изграден е нов верски објект во дворот, зеленило, а претходната година се завршени инфрастуктурните работи, новото осветлување и нов влез од јужната страна.
Низ фотогалерија ви го прикажуваме чествувањето на големиот празник и верниците во оваа црквата во центарот на Битола.
Фото: Дамјана






